M’Cheyne Bible Reading Plan
Второ писмо од апостол
Петар
Авторство и поздрави
1 Од Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос,
до оние што ја имаат истата скапоцена вера што ја имаме и ние, вера што ни беше дадена преку праведноста на Исус Христос, нашиот Бог и Спасител.
2 Ви посакувам се подобро да го запознавате Исуса, нашиот Бог и Господ[a], а преку тоа Бог да ви биде се поблагонаклонет и во изобилие да ви дава мир.
Божји поттик на свет живот
3 Запознавајќи го Христос, Неговата божествена сила ни подарува се што ни е потребно за да живееме побожен живот. Тој не повика да ги примиме Неговата слава и добрина. 4 Бог ни даде големи и скапоцени ветувања преку кои и вие можете да добиете божествена природа. Со неа ќе можете да им се противставите на вашите грешни страсти и да го избегнете погубното влијание на овој свет.
5 Затоа со сите сили потрудете се да ја унапредите својата вера. Додајте и добрина, на добрината додајте и знаење, 6 на знаењето додајте му самоконтрола, на самоконтролата додајте и трпеливост, на трпеливоста додајте и побожност, 7 на побожноста додајте и љубов[b] спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого. 8 Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни. 9 Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови.
10 Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете. 11 Тогаш Бог широко ќе ви ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12 Знам дека вие веќе сега сте цврсто втемелени во вистината и добро ги знаете овие нешта, но сепак јас секогаш ќе настојувам да ве потсетувам. 13 Се додека сум во овој „шатор“, моето смртно тело, сметам дека ми е должност да ве потсетувам. 14 Нашиот Господ Исус Христос ми покажа дека моите дни овде на Земјава се изброени и јас брзо ќе го напуштам овој шатор. 15 Затоа ќе направам се што зависи од мене, та и по моето заминување вие да ги помните овие нешта.
Веродостојноста на Божјите објави
16 Кога ви кажувавме за силата на нашиот Господ Исус Христос и за Неговото повторно доаѓање, ние не се служевме со лукаво смислени прикаски! Ние со свои очи ја видовме Неговата величественост! 17 Тој прими чест и слава од Бог Таткото кога Божјиот славен, величествен глас се спушти од небото кон Него:
„Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец,
со Него сум целосно задоволен.“
18 Кога се случи тоа ние бевме таму, на светата гора, заедно со Исус и го слушнавме тој глас од небото.
19 Тоа уште повеќе не увери во вистинитоста на она што го претскажуваа пророците. Затоа, добро ќе сторите ако на нивните пораки гледате како на светало што свети во темнината, се додека не осамне денот кога Христос, ѕвездата Деница, ќе болсне во вашите срца[c]. 20 Пред се треба да знаете дека ниту едно пророштво во Светото Писмо не е нечија самоволна објава, 21 бидејќи тие пророштва никогаш не биле дадени по желба на некој човек, туку Светиот Дух ги поттикнувал и водел Божјите луѓе да го зборуваат она што им било наложено од Бог.
13 Во тоа време дојдоа некои луѓе кај Исус и Му кажуваа за група Галилејци што ги убил Пилат додека тие принесувале жртви во ерусалимскиот храм, така што нивната крв се измешала со крвта на жртвите. 2 А Тој им рече: „Немојте да мислите дека овие Галилејци биле најгрешните луѓе меѓу Галилејците, затоа што настрадале на ваков начин! 3 Не, туку, и вам ви велам: ако не се покаете - сите ќе изгинете така! 4 И немојте да мислите дека оние осумнаесетмина што беа згмечени кога врз нив падна кулата во Шилоах[a] беа најгрешни меѓу жителите на Ерусалим! 5 Ви велам дека не беа најгрешни, но ако не се покаете - сите ќе изгинете така!“
Споредба со неплодната смоква
6 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Еден човек имаше во лозјето насадено смоква. Кога дојде да набере плод од неа - не најде. 7 Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години по ред доаѓам и барам плод на оваа смоква, но плод нема; затоа - пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата?“ 8 А лозарот му одговори: „Господару! Остави ја уште годинава. Јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам; 9 можеби тогаш ќе роди нешто. Ако и потоа не роди ништо - пресечи ја!“
Исус исцелува една жена во сабота
10 Една сабота Исус поучуваше во синагогата[b]. 11 Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. 12 Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ 13 Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога.
14 Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ 15 А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, 16 а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ 17 Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.
Споредба со синапово зрно
(Матеј 13:31-32; Марко 4:30-32) 18 Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство? 19 Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“
Споредба со квасец
(Матеј 13:33) 20 Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство? 21 Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“
22 На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето. 23 Некој го праша: „Господине, мал број ли ќе бидат луѓето што ќе се спасат?“ А Исус им се обрати на сите:
24 Вратата кон небото е тесна, затоа трудете се да влезете низ неа. Ве уверувам дека мнозина ќе сакаат да влезат, но нема да можат! 25 Штом ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата, тогаш, вие, ако останете надвор, ќе тропате и ќе викате: ,Господе, отвори ни!‘ А Тој ќе ви одговори: ,Не ве познавам кои сте и од каде сте?‘ 26 Вие ќе викате: ,Со тебе јадевме и пиевме; Ти поучуваше по нашите улици!‘ 27 Но Тој повторно ќе ви рече: ,Не знам кои сте и од каде сте! Бегајте од Мене сите вие што вршевте зло!‘ 28 Колку ќе плачете и ќе крцкате со заби тогаш, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а вие ќе останете избркани надвор! 29 Таму ќе има луѓе од исток и од запад, од север и од југ и ќе седнат на трпезата во Божјото царство. 30 Некои што овде се презрени, таму ќе бидат почитувани, а некои што овде се почитувани, таму ќе бидат презрени[c]!“
Непоколебливата определба на Исус
31 Во тие мигови кај Исус дојдоа неколку фарисеи и Му рекоа: „Замини си одовде и оди на некое друго место, зашто Ирод сака да Те убие!“ 32 Но Исус им одговори: „Одете кај тој лисец и кажете му: уште денес и утре ќе истерувам демонски духови и ќе исцелувам, а на третиот ден ќе завршам. 33 Но денес, утре и задутре морам да го продолжам Својот пат, зашто не прилега Божји пророк да загине на друго место, туку - во Ерусалим!“
Судбината на Ерусалим
(Матеј 23:37-39) 34 „Ерусалиме, Ерусалиме - ти што ги убиваш Божјите пророци и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати се обидував да ги закрилам твоите жители, како што квачката ги закрилува пилињата под своите крилја, но не Ми допуштивте! 35 Затоа, вашиот дом ќе биде препуштен да запусти. Ве уверувам дека отсега нема да Ме видите, сe додека не дојде време кога ќе речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ[d]!‘
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest