M’Cheyne Bible Reading Plan
Примери за голема вера
11 Што е вера? Тоа е сигурност дека она на што се надеваме навистина и ќе се случи. Вера е увереност во нешто што не си го видел. 2 Бог со одобрување гледаше на нашите предци токму поради нивната вера.
3 Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што се што е видливо настанало од она што било невидливо.
4 Авел имаше вера во Бог и затоа неговата жртва беше подобра од онаа на Каин. Бог ја прифати неговата жртва и со тоа покажа дека Авел е праведен. Иако Авел е веќе одамна мртов, неговата вера продолжува да зборува.
5 Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде[a]“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог. 6 А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.
7 Ное имаше вера во Бог и затоа Тој го предупреди за она што се уште не се беше случило. Тој со побожна почит изгради ковчег[b] за да го спаси своето семејство. На тој начин, светот беше осуден, а Ное поради својата вера беше оправдан во Божјите очи.
8 Авраам имаше вера и затоа кога Бог го повика да замине од својата татковина во земјата која му беше ветена како наследство, тој Го послуша. Авраам тргна, иако не знаеше каде оди. 9 Преку вера тој се досели во земјата која Бог му ја вети и живееше во шатори како туѓинец. Така живееја и Исак и Јаков, на кои Бог им го даде истото ветување. 10 Авраам постапи така, зашто тој очекуваше град со вечни темели, чиј архитект и градител е Бог.
11 И Сара имаше вера и затоа доби способност да зачне, иако беше неротка и во поодминати години. Таа[c] Му веруваше на Оној што и беше ветил. 12 Иако Авраам беше близу до умирачка, од овој единствен човек произлегоа толку потомци, колку што има ѕвезди на небото и неброени зрнца песок на морскиот брег.
13 Сите овие луѓе се сега умрени, но тие имаа вера, иако не го дочекаа она што им беше ветено, туку само оддалеку го видоа и го поздравија, истовремено признавајќи дека се само странци и привремени жители на Земјата. 14 А луѓе што така зборуваат покажуваат дека бараат место што ќе им биде татковина. 15 И не сметаа дека тоа е земјата од која произлегоа, зашто да мислеа така ќе најдеа начин таму да се вратат. 16 Напротив, тие копнееја за многу подобрата небесна татковина. И затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог. Тој дури и град им изгради на небото!
17 И Авраам имаше вера во Бог и затоа, кога беше ставен на тест, го понуди својот син Исак како жртва. А токму на Авраам, кој беше готов да го жртвува својот син единец, Бог му беше ветил: 18 „Од Исак ќе произлезе твоето потомство[d]!“ 19 Авраам беше уверен дека Бог може и мртви да оживува, па во извесна смисла како да го доби својот син оживеан од мртвите.
20 Исак имаше вера во Бог и им вети благослови на Јаков и на Исав дури и за во иднина.
21 Јаков имаше вера во Бог и, пред да умре, ги благослови синовите на Јосиф. Потпрен на својот бастун, тој понизно се поклони[e]. 22 Јосиф веруваше дека Бог ќе ги изведе Израелците од египетското ропство и, пред да умре, тој порача да му бидат изнесени и коските, кога ќе си заминат од Египет.
23 Родителите на Мојсеј имаа вера во Бог кога три месеци го криеја. Тие видоа дека детето е убаво и не се плашеа од заповедта на фараонот. 24 Кога Мојсеј порасна, тој имаше вера во Бог и затоа одби да биде прогласен за син на фараоновата ќерка. 25 Тој претпочиташе да страда заедно со Божјиот народ, наместо кусотрајно да ужива во грешните задоволства. 26 Тој сфати дека е повредно да претрпи понижување заради Месијата, отколку да ги добие сите богатства на Египет; затоа, погледот му беше вперен кон идната награда од Бог.
27 Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог. 28 Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта.
29 Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија[f].
30 Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа[g].
31 И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог[h]
.
32 Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци. 33 Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа, 34 пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски.
35 Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите. 36 Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани. 37 Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани. 38 Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами.
39 Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено. 40 Се заради тоа што Бог чуваше нешто подобро за нас и не сакаше тие да стигнат на целта без нас.
Евангелието според
Лука
1 Драги Теофиле,
Мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија кај нас. 2 Пишуваат за она што ни го пренесоа Христовите ученици, кои од самиот почеток беа очевидци и проповедници на она што Бог го направи преку Своето Слово. 3 И јас решив да ти напишам еден извештај, почитуван Теофиле, точно според редоследот на случките, откако претходно темелно ги проучив сите нив, од самиот нивни почеток, 4 за да се увериш во сигурната основа на учењето што си го примил.
Навестување за раѓањето на Јован Крстител
5 Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах[a]. Неговата жена се викаше Елисавета[b] и беше потомка на свештеникот Арон. 6 Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила. 7 Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години.
8 Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм, 9 тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот. 10 За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше.
11 Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење. 12 Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде. 13 Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. 14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање. 15 Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си. 16 Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог. 17 Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети[c].“
18 Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“ 19 Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил[d] и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест. 20 Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“
21 Во меѓувреме, народот чекаше Захарија да излезе и се чудеше зошто толку долго се задржа во храмот. 22 Кога излезе, не можеше да зборува, но според неговите движења заклучија дека имал некое видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, без да проговори ниту еден збор.
23 Кога му истече времето за служење во храмот, Захарија се врати дома. 24 По извесно време неговата жена Елисавета забремени, но бременоста ја прикриваше цели пет месеци и велеше: 25 „Најпосле ја добив Господовата благонаклоност, кога реши да се смилува и да го симне срамот од мене!“
26 По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет, 27 кај една девица по име Марија[e] која му беше свршеница на Јосиф, потомок на царот Давид. 28 Доаѓајќи кај неа, ангелот и рече: „Радувај се, зашто си преблагословена и Господ е со тебе!“ 29 Марија се исплаши кога ги чу овие зборови и почна да размислува за значењето на необичниот поздрав. 30 Ангелот и рече: „Не плаши се, Марија, Бог ти е благонаклонет! 31 Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус. 32 Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот[f]. Господ Бог ќе Му го даде Нему престолот од Неговиот предок, царот Давид. 33 Тој вечно ќе владее меѓу потомците на Јаков[g] и Неговото царство ќе нема крај.“
34 Тогаш Марија му рече на ангелот: „Како ќе родам дете, кога јас сум девица!?“ 35 Ангелот и одговори: „Преку Светиот Дух, Кој ќе слезе, ќе те исполни и силата на Севишниот ќе се спушти[h] врз тебе. Затоа и Детето што ќе го родиш ќе биде свето и ќе биде наречено Божји Син. 36 Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е веќе во поодминати години. Ја нарекуваа неротка, а еве, таа е сега во шестиот месец на бременост, 37 зашто, за Бог нема невозможни нешта! 38 Тогаш Марија му рече: „Јас Му стојам на услуга на Господ; нека се исполни со мене она што го кажа ти.“ По ова, ангелот си замина.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest