M’Cheyne Bible Reading Plan
2) Павле оди за Македонија и Ахаја (Грција)
20 Кога стивна вревата, Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија. 2 Патем, во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција. 3 Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија.
4 На тој пат го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун, Гај од Дерба, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од областа Азија. 5 Тие отидоа пред нас и не чекаа во Троада. 6 Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена.
3) Павле последен пат ја посетува Троада
7 Еден неделен ден бевме собрани на Причест[a], а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта се до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине. 8 Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби. 9 Едно момче, по име Евтих, седејќи крај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов. 10 Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“ 11 Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда се до мугрите, кога си замина. 12 Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите.
13 Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле. 14 Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена. 15 Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.
16 Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден[b] да пристигне во Ерусалим.
4) Павле се простува со црковните старешини од Ефес
17 Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него.
18 Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас. 19 Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите. 20 Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови. 21 Имав иста порака и за Евреите и за неевреите[c]: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус.
22 Сега Светиот Дух[d] ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму. 23 Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања. 24 Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.
25 Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види. 26 Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен[e]. 27 Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив. 28 Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв. 29 Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото. 30 Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници. 31 Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно.
32 Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност спрема вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети.
33 Од никого не барав пари или облеки. 34 Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце. 35 На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: ,Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива‘.“
36 Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше. 37 Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа. 38 Беа посебно тажни поради тоа што им рече дека веќе нема да го видат. Потоа го испратија до бродот.
11) Исус на сослушување пред Пилат
(Мт. 27:1-2, 11-14; Лк. 23:1-5; Јвн. 18:28-38) 15 Рано утредента, свештеничките поглавари, народните старешини и вероучителите се состанаа заедно со Врховниот совет. Тие Го врзаа Исуса и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат, предавајќи го во негова надлежност.
2 Пилат почна да Го испрашува: „Ти ли си Царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“
3 Свештеничките поглавари изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. 4 Пилат повторно Го праша: „Зар нема ништо да кажеш на овие тешки обвиненија против Тебе?“ 5 Но Исус на ништо повеќе не одговараше, на што Пилат многу се чудеше.
12) Смртна казна за Исус
(Мт. 27:15-26; Лк. 23:13-25; Јвн. 18:39-19:16) 6 А на секој празник Пасха гувернерот им пушташе од затвор еден затвореник, по избор на народот. 7 Во тоа време в затвор беше еден човек по име Бараба, уапсен заедно со други бунтовници кои за време на еден бунт извршиле убиства. 8 Народот се качи горе кај Пилат и побара да им пушти еден затвореник, како и обично.
9 Пилат ги праша: „Сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?“ 10 Пилат знаеше дека свештеничките поглавари му го доведоа Исуса од завист.
11 Но свештеничките поглавари го наговорија народот од Пилат да бара ослободување на Бараба. 12 Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“ 13 Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“
14 Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“
15 Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат.
Војниците Го понижуваат Исуса
(Мт. 27:27-30; Јвн. 19:2-3) 16 Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници. 17 Му облекоа црвена наметка[a], а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња. 18 Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“ 19 Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат.
20 Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување. 21 Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја[b]. Тој им беше татко на Александар и на Руфус.
13) Распнувањето на Исус
(Мт. 27:31-44; Лк. 23:27-43; Јвн. 19:17-27) 22 Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘[c]. 23 Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие.
24 Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе. 25 Беше околу девет[d] часот претпладне кога Го распнаа Исуса. 26 Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“. 27 Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус. 28 [e]
Минувачите Го навредуваат Исуса
29 Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш, 30 слези од крстот и спаси се!“
31 На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! 32 Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него.
14) Смртта на Исус
(Мт. 27:45-56; Лк. 23:44-49; Јвн. 19:28-30) 33 Напладне[f] се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет[g] часот. 34 Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави[h]?“
35 Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија[i]!“ 36 Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“
37 Исус уште еднаш извика со силен глас и умре.
38 Во истиот момент, завесата[j] во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу.
39 Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“
Побожните жени на Голгота
40 Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други. 41 Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја.
15) Погребот на Исус
(Мт. 27:57-61; Лк. 23:50-56; Јвн. 19: 38-42) 42 Настапи вечерта, спроти сабота, кога Евреите се подготвуваат за саботен одмор. 43 Еден човек, по име Јосиф, од Ариматеја, кој беше истакнат член на еврејскиот Врховен совет, а и самиот го очекуваше Божјото царство, храбро влезе кај Пилат и Го побара телото на Исус.
44 Пилат се изненади дека Исус веќе умрел, па го повика одговорниот офицер за да провери колку време има откако Исус умрел. 45 Штом ја доби оваа информација, Пилат му одобри на Јосиф да го земе Исусовото мртво тело.
46 Јосиф купи платно, го симна телото на Исус од крстот и го завитка во платното. Потоа го положи во гробницата што беше издлабена во карпа и влезот го затвори со голем камен.
47 Марија од Магдала и другата Марија - мајката на Јосиф - внимателно гледаа каде беше положено телото на Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest