M’Cheyne Bible Reading Plan
3) Павле проповеда во Солун
17 Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. 2 Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо, 3 објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ 4 Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови.
5 Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. 6 Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! 7 А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“
8 Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, 9 меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.
4) Павле и Сила во Верија
10 Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија[a]. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. 11 Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. 12 Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.
13 Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. 14 Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија. 15 Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.
5) Павле проповеда во Атина
16 Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли. 17 Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните[b] луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму.
18 Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи[c]
. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“
19 Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш? 20 Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“ 21 (Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.)
22 Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе, 23 зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него.
24 Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце. 25 Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и се што му треба. 26 Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата Земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта, 27 за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас!
28 Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘
29 Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе. 30 Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог. 31 Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“
32 Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“ 33 Тогаш Павле си замина оттаму, 34 а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисиј, член на Ареопагот, една жена по име Дамара и уште неколкумина други.
Алегорија со лошите лозари
(Мт. 21:33-46; Лк. 20:9-19) 12 Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба:
„Еден човек си насади лозје, го загради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. 2 Кога дојде време за гроздобер, тој испрати еден од своите слуги кај лозарите, за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. 3 Но лозарите го фатија, го натепаа и го избркаа со празни раце. 4 Тој повторно им испрати друг слуга, но тие го изудрија по главата и го изнавредија. 5 Им испрати и трет слуга, но тие го убија. Потоа испрати и многу други слуги, но лозарите едни од нив претепаа, други убија.
6 Му остана уште само еден: неговиот син-љубимец. На крајот им го испрати и него, сметајќи дека ќе имаат почит спрема него. 7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ 8 И го фатија, го убија, а телото му го исфрлија надвор од лозјето. 9 Што мислите, што ќе направи сопственикот на лозјето? - Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други лозари!
10 Зар не сте го читале ова во Светото Писмо:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија
стана камен-темелник!
11 Тоа го направи Господ -
како прекрасна глетка пред нашите очи[a]!‘“
12 Еврејските водачи сфатија дека оваа споредба се однесува на нив и сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа.
За плаќањето данок
13 Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. 14 Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“
15 Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“ 16 Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие.
17 Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
Прашања за воскресението на мртвите
(Мт. 22:23-33; Лк. 20:27-40) 18 Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи[b] (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа: 19 „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. 20 Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца. 21 Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат. 22 Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената. 23 Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“
24 Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила! 25 Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото. 26 А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков[c]!‘ 27 Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Бог не е Бог на мртвите, туку на живите! Вие сте во голема заблуда!“
Најважната заповед
(Мт. 22:34-40; Лк. 10:25-28) 28 Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“
29 Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог! 30 Сакајте Го Господ, вашиот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја снага[d]!‘
31 Втората заповед е слична на првата, и гласи: ,Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Други заповеди, поважни од овие, нема.
32 Вероучителот рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека има само еден Бог. 33 Да се сака Бог со сето срце, разум и снага и да се сака ближниот како самиот себе е повредно од секаков вид жртва!“
34 Кога Исус виде дека човекот даде умен одговор, му рече: „Не си далеку од Божјото царство!“
По ова, на Исус никој повеќе не се осмели да му поставува прашања.
Идентитетот на Месијата
(Мт. 22:41-46; Лк. 20:41-44) 35 Подоцна, додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат вероучителите да тврдат дека Месијата му е син[e] на Давид, 36 кога самиот Давид, поттикнат од Светиот Дух, рекол:
,Му рече Јахве[f] на мојот Господ:
- Седни од Мојата десна страна,
додека не ги соборам Твоите непријатели
под нозете Твои!‘
37 Ако самиот Давид Го нарекол Месијата свој Господ, како тогаш Месијата може да му биде син!?“
Многубројниот народ со одушевување го слушаше учењето на Исус.
Исус ги критикува верските водачи
(Мт. 23:1-36; Лк. 20:45-47) 38 Продолжувајќи да поучува, Исус рече: „Пазете се од вероучителите! Тие уживаат да се шетаат во долги мантии и да бидат поздравувани на јавните места. 39 Ги сакаат челните места во храмовите[g] и почесните места на гозбите. 40 Тие им го изедуваат имотот на вдовиците, а божем се молат со долги молитви! Тие ќе бидат најстрого судени!“
Прилогот на една вдовица
(Лк. 21:1-4) 41 Исус седна во храмот спроти ковчежето за доброволни прилози и ги набљудуваше луѓето како пуштаат пари во него. Забележа дека голем број богати луѓе ставаа големи суми пари. 42 Дојде и една сиромашна вдовица и пушти две парички[h]. 43 Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите други! 44 Зашто, сите други дадоа од својот вишок, а таа даде од својата немаштија; даде сe што имаше, целата своја издршка.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest