M’Cheyne Bible Reading Plan
ВТОРОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ
НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ
16 Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк. 2 Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија. 3 Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк. 4 Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим. 5 Така црквите стануваа се посилни во верата, а и нивниот број секојдневно се зголемуваше.
Павле добива повик од Македонија
6 Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија[a]. 7 Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија[b], но Духот на Исус не им дозволи. 8 Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.
9 Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ 10 По тоа негово видение, ние[c] веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.
2) Во градот Филипи: обраќањето на Лидија
11 Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. 12 Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија[d]. Таму останавме неколку дена.
13 Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. 14 Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. 15 Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.
Павле и Сила в затвор
16 Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари. 17 Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“
18 Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа.
19 Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. 20 Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! 21 Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“
22 Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. 23 Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. 24 Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.
25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27 Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“
29 Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30 Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31 Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32 Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33 а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34 Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.
35 Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36 Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“
37 Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“
38 Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39 Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40 Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.
Исус пристигнува во Ерусалим: празникот Цветници
(Мт. 21:1-11; Лк. 19:28-40; Јвн. 12:12-19) 11 На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора. 2 Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде. 3 Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“ 4 Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа. 5 Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“ 6 Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира.
7 Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него. 8 Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето.
9 Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега[a]! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! 10 Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
11 Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.
Исус ја проколнува неплодната смоква
(Мт. 21:18-19) 12 Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. 13 Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. 14 Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.
Исус го расчистува Храмот
(Мт. 21:12-17; Лк. 19:45-48; Јвн. 2:13-22) 15 Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. 16 Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. 17 Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи[b]!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
18 Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.
19 Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот.
Поука од смоквата и моќта на молитвата
(Мт. 21:20-22) 20 Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила. 21 Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“
22 Исус им рече: „Имајте вера во Бог! 23 Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи. 24 Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера. 25 Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“ 26 [c]
Прашање за авторитетот на Исус
(Мт. 21:23
-27; Лк. 20:1-8) 27 Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините 28 и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“
29 Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова. 30 Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога[d] или од луѓето?“ 31 Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“ 32 Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк. 33 Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest