M’Cheyne Bible Reading Plan
3) Павле и Барнаба проповедаат во Иконија
14 Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. 2 Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. 3 И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. 4 Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.
5 Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, 6 апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. 7 Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест.
4) Павле и Барнаба во Листра: од обожавање до каменување!
8 Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. 9 Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, 10 гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!
11 Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ 12 Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. 13 Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.
14 Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа[a] своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: 15 „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! 16 Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. 17 Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ 18 Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.
19 Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов. 20 Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба.
Довршување на првото мисионерско патување: Павле и Барнаба се враќаат во сириска Антиохија
21 Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија[b], 22 за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи. 23 Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.
24 Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија. 25 Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија 26 откаде со брод се вратија во сириска Антиохија[c], град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена.
27 Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата. 28 Тука останаа подолго време со тамошните христијани.
Преобразувањето на Исус во славно тело
(Мт. 17:1-13; Лк. 9:28-36) 9 Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“
2 Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што 3 облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! 4 Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус.
5 Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ 6 Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. 7 Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ 8 Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг.
Прашањето за очекуваниот „Илија“
9 Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки[a] не воскресне од мртвите.“ 10 Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“
11 Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“ 12 Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен? 13 Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“
Исус исцелува епилептичар
(Мт. 17:14-20; Лк. 9:37-43а) 14 Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. 15 Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. 16 Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ 17 Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. 18 Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“
19 Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“
20 Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. 21 Исус го праша таткото на момчето:
„Од кога му е вака?“
„Уште од детството“ - одговори таткото. 22 „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“
23 „Зошто велиш: ‚Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.
24 Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“
25 Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. 26 Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. 27 Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.
28 Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“
29 Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва[b].“
Исус вторпат ја навестува Својата смрт
(Мт. 17:22-23; Лк. 9:43б-45) 30 Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа. 31 Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите. 32 Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.
Кој е најголем во Божјите очи?
(Мт. 18:1-5; Лк. 9:46-48) 33 Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“ 34 Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен. 35 Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно[c] место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“
36 Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече: 37 „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној[d] што Ме испрати.“
За и против Исус
(Лк. 9:49-50) 38 Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“ 39 Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене. 40 Кој не е против нас, тој е за нас. 41 Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“
Наведување други на грешење
(Мт. 18:6-9; Лк. 17:1-2) 42 „Ако некој биде причинител за отстапување[e] од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! 43 Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган! 44 [f] 45 Ако твојата нога те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една нога, отколку со две да бидеш фрлен во пеколот! 46 [g] 47 Ако твоето око те наведува на грев - ископај го! Подобро е да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во пеколот. 48 Таму црвот не престанува да гризе и огнот не престанува да гори[h]! 49 Имено, секој ќе биде со оган ‚посолен‘.
50 Солта е добра, но ако солта облутави, како ќе и го вратите солениот вкус? Имајте ги својствата на солта во меѓусебните односи и ќе живеете во мир еден со друг.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest