M’Cheyne Bible Reading Plan
ПРВОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА ПАВЛЕ
13 Меѓу пророците и учителите во антиохиската[a] црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘[b], Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот[c] Ирод, и Савле. 2 Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ 3 Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.
1) Мисија во Кипар
4 Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. 5 Таму, во градот Саламис[d], одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.
6 Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус[e]. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. 7 Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. 8 Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. 9 Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи 10 и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? 11 Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“
Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. 12 Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.
2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија
13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[f]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[g], град во областа Писидија.
15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[h] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[i]!‘
23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[j]!‘
26 Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! 27 Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. 28 Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.
29 Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. 30 Но Бог Го воскресна од мртвите! 31 Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ.
32 Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци 33 го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус:
,Ти си Мојот Син,
денес станав Твој Татко[k].‘
34 Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови:
,Тебе ќе ти го дадам
светиот благослов што му го ветив на Давид[l].‘
35 Во еден друг псалм, појаснува:
,Ти нема да дозволиш
Твојот Светец да скапува во гробот[m].‘
36 Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. 37 Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.
38 Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. 39 На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. 40 Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:
41 ,Гледајте, вие подбивачи!
Стаписајте се и изгинете,
зашто она што го правам во вашите дни,
немаше да го верувате
ако некој ви го раскажуваше[n]!‘“
42 На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.[o] 43 Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.
Павле се свртува кон неевреите
44 Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. 45 Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше.
46 Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. 47 Самиот Господ вака ни нареди:
,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи,
да го однесете спасението до краевите на Земјата[p]!‘“
48 Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. 49 Така пораката Господова се ширеше низ целата област.
50 Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. 51 Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата[q] и отидоа во градот Иконија, 52 а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.
Исус нахранува 4.000 души
(Мт. 15:32-39) 8 Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече: 2 „Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна. 3 Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“
4 Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“ 5 „Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие. 6 Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот. 7 Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето.
8 Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната. 9 Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди.
10 Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута.
Фарисеите бараат натприроден знак
(Мт. 16:1-4) 11 Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото. 12 Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“ 13 Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото.
Алегоријата со квасецот
(Мт. 16:5-12) 14 Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб. 15 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите[a] и на Ирод!“ 16 Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“
17 Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!? 18 Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате! 19 Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“ 20 Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со четири леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“ 21 „Сe уште не разбирате[b], нели?“ - им рече Исус.
Исус исцелува слеп човек во Бетцаида
22 Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува. 23 Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа. 24 Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“ 25 Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно. 26 Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“
Кој е Исус? Одговорот на Петар
(Мт. 16:13-20; Лк. 9:18-21) 27 Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“
28 Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“
29 Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“
Петар одговори: „Ти си Месијата!“
30 Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него.
Исус првпат ја навестува Својата смрт
(Мт. 16:21-23; Лк. 9:22-27) 31 Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне. 32 За сето ова им говореше многу отворено.
Тогаш Петар Го повлече Исуса настрана, укорувајќи Го дека така зборува. 33 Исус се сврте кон Своите ученици, а потоа со строг глас му рече на Петар: „Бегај од Мене, Сатано! Тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“
Трнлив пат за Исусовите следбеници
(Мт. 16:24-26) 34 Тогаш Исус ги повика Своите ученици и народот поблиску до Себе и им рече:
„Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. 35 Зашто, секој што сака да си го запази животот[c] само за себе - ќе го загуби; а ако Ми го посвети Мене и на Евангелието - ќе го зачува. 36 Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? 37 Има ли нешто повредно од твојата душа?
38 Нема причина да се срамите од Мене и од Моето учење пред овој неверен и грешен свет, зашто инаку и Јас, Синот Човечки, ќе се засрамам од вас кога ќе се вратам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest