M’Cheyne Bible Reading Plan
Петар ги урива еврејските предрасуди
11 Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. 2 Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани[a] почнаа да му приговараат: 3 велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“
4 Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: 5 „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. 6 Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици. 7 Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘
8 Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони[b] никогаш не влегло во мојата уста!‘
9 Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘ 10 Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.
11 Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене. 12 Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. 13 Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. 14 Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘
15 Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот. 16 Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со[c] вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘ 17 Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“
18 Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“
Зачетоци на црква во сириска Антиохија
19 Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. 20 Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците[d] дека Исус е Господ. 21 Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.
22 Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. 23 Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. 24 Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.
25 Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле, 26 па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците[e] на Христос првпат ги нарекоа христијани.
27 Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. 28 Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј. 29 Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. 30 Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.
Граѓаните на Назарет не Го сакаат Исуса
(Мт. 13:53-58; Лк. 4:16-30) 6 Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град[a]. 2 Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? 3 Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус[b].
4 Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ 5 Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. 6 Остана изненаден од нивната неверба.
Исус одеше по околните села и поучуваше.
Дванаесетте апостоли во мисија
(Мт. 10:5-15; Лк. 9:1-6) 7 Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови. 8 Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап[c] во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари. 9 Носете сандали, но не и резервна облека. 10 Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град. 11 Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“
12 Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог. 13 Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло[d].
Смртта на Јован Крстител
(Мт. 14:1-12; Лк. 9:7-9) 14 За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод[e] слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили. 15 Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци. 16 Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“
17 Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена. 18 Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“
19 Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност. 20 Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен[f] од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.
21 Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја. 22 Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш! 23 Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“
24 Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“ 25 Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“
26 На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите. 27 Затоа тој веднаш го испрати џелатот да му ја донесе главата на Јован. 28 Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.
29 Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.
Враќањето на апостолите
30 Апостолите повторно се собраа[g] кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. 31 Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ 32 Тргнаа со бротче на едно такво место, 33 но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.
Исус нахранува над пет илјади души
(Мт. 14:13-21; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 34 Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.
35 Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ 37 „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ 38 „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ 39 Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. 40 Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.
41 Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. 42 Сите јадеа до наситување, 43 а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. 44 Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
Исус чекори по вода
(Мт. 14:22-33; Јвн. 6:15-21) 45 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. 46 Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.
47 Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото. 48 Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири[h] часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи.
49 Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија. 50 Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“ 51 Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети! 52 Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите.
Исцелувања во Генисаретскиот крај
(Мт. 14:34-36) 53 Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет. 54 Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса. 55 Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој. 56 Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest