M’Cheyne Bible Reading Plan
9 Во меѓувреме Савле, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај Првосвештеникот 2 и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои Првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Савле во апсењето на сите следбеници на Патот[a] што ќе ги најде таму. Савле сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во синџири.
3 Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото! 4 Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Савле, Савле! Зошто Ме прогонуваш?“
5 „Кој сте Вие, господине?“ - праша Савле.
Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш! 6 Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“
7 Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого. 8 Савле стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. 9 Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше.
10 А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија[b]. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“
11 Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. 12 Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“
13 Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! 14 Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“
15 Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. 16 А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“
17 Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ 18 Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.
Савле проповеда во Дамаск
19 Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск. 20 Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син.
21 Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“
22 Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.
23 По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, 24 но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. 25 Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош[c].
Савле проповеда во Ерусалим
26 Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. 27 Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. 28 Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. 29 Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. 30 Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.
31 Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.
Делата на Петар во градовите Лида и Јопа
32 Посетувајќи ги христијаните, апостол Павле патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. 33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. 34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! 35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.
36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита[d], што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. 37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. 38 Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.
39 Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.
40 Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. 41 Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.
42 Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. 43 А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.
ИСУС ПОУЧУВА ПРЕКУ СПОРЕДБИ
1) Споредба со сејачот, почвата и семето
(Мт. 13:1-9; Лк. 8:4-8) 4 Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот. 2 За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3 „Слушајте го ова:
Еден сејач излезе да сее на својата нива. 4 Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. 5 Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка. 6 Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9 Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Мт. 13:10-17; Лк. 8:9-10) 10 Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. 11 Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, 12 бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости[a].“
Исус ја објаснува споредбата со сејачот
(Мт. 13:18-23; Лк. 8:11-15) 13 Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. 14 Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. 15 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. 16 Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. 17 Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.
18 Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, 19 но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.
20 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“
2) Споредба со свеќата
(Лк. 8:16-18) 21 Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник? 22 Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае. 23 Ако имате уши - слушајте внимателно!
24 Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде! 25 На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“
3) Споредба со семето
26 Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива. 27 Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа. 28 Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна. 29 Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“
4) Споредба со синаповото зрно
(Мт. 13:31-32; Лк. 13:18-19) 30 „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус. 31 „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња, 32 кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“
Заклучок
33 Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив. 34 Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.
ТРИ ГОЛЕМИ ЧУДА НА ИСУС
1) Исус смирува бура
(Мт. 8:23-27; Лк. 8:22-25) 35 Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“ 36 Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња. 37 Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне.
38 Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“
39 Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина.
40 Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“
41 А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest