M’Cheyne Bible Reading Plan
Доаѓањето на Светиот Дух
2 Кога дојде празникот Духовден[a], сите христијани се собраа на едно место. 2 Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. 3 Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. 4 Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни[b] јазици, како што им даваше способност Светиот Дух.
5 Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. 6 Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик!
7 Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? 8 Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? 9 Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија[c], 10 во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим 11 (Евреи и прозелити[d]), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ 12 Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ 13 Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“
Петар им се обраќа на насобраните
14 Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: 15 Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет[e] часот наутро. 16 Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:
17 ,Во последните денови‘ - вели Бог -
,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе,
па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,
момчињата ќе имаат виденија,
а старците ќе сонуваат соништа.
18 Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух
врз сите Мои слуги и слугинки,
и тие ќе пророкуваат.
19 Ќе правам чуда горе на небесата
и видливи докази долу на Земјата -
крв и оган и столбови од чад.
20 Сонцето ќе поцрни,
а Месечината ќе се вцрви како крв,
пред да дојде тој голем и славен Господов ден.
21 Тогаш секој што ќе го повика името Господово
ќе биде спасен[f].‘
22 Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. 23 Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин[g], Го распнавте на крст и Го убивте. 24 Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. 25 За Него, Давид вели:
‚Знам дека Господ е постојано со мене,
Тој ми е оддесно -
нема да потклекнам!
26 Поради тоа срцето ми е весело,
и душата ми се радува;
а и телото во надеж ќе ми почива,
27 зашто Ти во гробот нема да ме оставиш,
ниту ќе дозволиш
Твојот Светец да доживее распаѓање.
28 Ти ми го објави патот на животот,
Твоето присуство ќе ме исполни[h] со радост.‘
29 Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. 30 Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, 31 претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос[i], Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање.
32 Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. 33 Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. 34 Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече:
„Му рече Јахве на мојот Господ:
,Седни на почесното место, од Мојата десна страна,
35 додека не ги претворам Твоите непријатели
во чергиче што ќе го газат стапалата Твои[j]!‘“
36 Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија[k]!“
37 Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“
38 Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. 39 Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите[l], и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“
40 Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“
41 Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. 42 Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера[m] и на молитви.
Првите христијански заедници
43 Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. 44 Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. 45 Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. 46 Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. 47 Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.
Споредба на Небесното царство со десет девојки
25 „Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот. 2 Петте од нив биле глупави, а другите пет - мудри. 3 Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење. 4 Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење.
5 Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале.
6 На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘ 7 Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби. 8 Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘ 9 Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘
10 Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена. 11 Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘ 12 А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“
13 „Затоа“ - заклучи Исус - „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“
Споредба за доверените богатства
(Лука 19:11-27) 14 „Небесното царство може да се спореди со човек кој, пред да замине на пат, ги повикал своите слуги и им го предал својот имот да раководат со него. 15 На секој од нив им дал според нивните способности: на првиот му доверил пет илјади златници[a], на вториот две илјади, а на третиот илјада. Потоа тој заминал на пат. 16 Оној што добил пет илјади златници веднаш почнал да тргува со нив и спечалил уште пет илјади. 17 Исто така и оној што добил две илјади златници спечалил уште две илјади. 18 А слугата што добил илјада златници ги скрил златниците на неговиот господар, закопувајќи ги вземи.
19 По подолго време господарот на слугите се вратил и ги повикал да му положат сметка. 20 Дошол оној што беше примил пет илјади златници, донесол уште други пет илјади и рекол: ,Господару, ти ми довери пет илјади златници; еве, со нив спечалив уште пет илјади‘ 21 ,Одлично!‘ - му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘
22 Потоа пристапил и оној што беше добил две илјади златници и рекол: ,Господару, ти ми довери две илјади златници; еве, со нив спечалив уште две илјади‘ 23 ,Одлично!‘ - му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘
24 На крајот пристапил и слугата што беше добил илјада златници и рекол: ,Господару, знаев дека си ти строг човек: жнееш каде што не си сеел и береш каде што не си садел. 25 Се исплашив дека ќе ги загубам доверените златници, па отидов и ги закопав. Еве, ти го враќам твоето.‘ 26 Тогаш неговиот господар му рекол: ,Лош и мрзлив слуго! Штом си знаел дека сум строг човек и дека жнеам каде што не сум сеел и берам каде што не сум садел, 27 зошто не ги стави моите пари в банка, та кога се вратив, со нив ќе добиев и камата!?‘ 28 Затоа, земете му ги тие илјада златници и дајте му ги на оној што има десет илјади златници! 29 Секој што спечалил нешто со она што му е доверено, ќе му биде дадено уште и тој ќе има изобилно. А на тој што не спечалил ништо со она што му е доверено, ќе му биде земено и она малку што го има. 30 А бескорисниот слуга фрлете го надвор во темница - таму каде што луѓето од мака лелекаат и чкртаат со сопствените заби!“
Последниот Суд
31 „Кога Синот Човечки[b] ќе дојде во Сиот Свој сјај, придружен од сите Свои ангели, ќе седне на Својот славен престол 32 и ќе ги собере околу Себе сите народи. Тој ќе ги одвои во две групи - како што овчарот ги одлачува овците од козите. 33 Овците ќе ги постави на Својата десна страна, а козите на левата. 34 Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот. 35 Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте; 36 кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘
37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле? 38 Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле? 39 Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘ 40 А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе - сте го правеле за Мене!‘
41 Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели! 42 Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте; 43 кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘
44 Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘ 45 А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“
46 Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците - вечен живот.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest