M’Cheyne Bible Reading Plan
Вовед
1 Драги Теофиле, во мојата прва книга[a] ти го опишав сето она што Исус го правеше и поучуваше од почетокот, 2 па се до денот кога се вознесе на небото. Пред да се вознесе, им даде упатства на апостолите што ги беше одбрал во содејство со Светиот Дух.
3 Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство.
4 На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим се додека небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа. 5 Јован Крстител крштаваше во вода[b], но по неколку[c] дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“
Вознесувањето на Исус
6 Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш[d] нашето царство?“ 7 Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува! 8 Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и се до крајот на Земјата.“
9 Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа се додека облак не Го скри од нивните погледи.
10 Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи[e] облечени во бело, 11 и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“
Црквата на апостолите во „Горната соба“
12 Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар[f]. 13 Влегоа во градот и отидоа во горната соба на куќата каде што редовно престојуваа. Таму беа:
Петар,
Јован,
Јаков,
Андреј,
Филип,
Тома,
Бартоломеј,
Матеј,
Јаков (синот на Алфеј),
зилотот Симон и
Јуда (синот на Јаков). 14 Сите овие луѓе сложно и редовно се собираа и заедно се молеа. Со нив беа и: Марија (мајката на Исус), повеќе други жени и браќата на Исус.
Избран заменик на Јуда Искариот
15 По неколку дена се собраа околу сто и дваесет Христови следбеници. Петар стана и им се обрати: 16 „Драги пријатели христијани! Уште пред неколку столетија, Светиот Дух ја претскажа судбината на Јуда Искариот, преку зборовите искажани од царот Давид, запишани во Светото Писмо. Значи, тоа што се случи со Јуда, предводникот на оние што го уапсија Исуса, беше претскажано и мораше да се исполни, 17 иако Јуда беше еден од нас и работеше заедно со нас.“
18 (Со парите што ги доби за предавството на Исус, Јуда си купи[g] нива. Потоа таму се обеси, па падна[h] сред неа, распукнувајќи се, при што целата утроба му се истури. 19 За ова дознаа сите жители на Ерусалим, па таа нива ја нарекоа Акал-Д’ма, што на нивниот[i] јазик значи ‚Крвна нива‘.)
20 „Во книгата на псалмите стои запишано:
,Домот да му се запусти,
никој во него да не живее[j]!‘
и
,Службата негова друг нека ја преземе[k]!‘
21 Затоа треба да одбереме човек што ќе го замени Јуда. Тоа треба да биде некој што беше со нас во текот на целото време, откако Господ Исус дојде, па се додека си замина, 22 некој што беше со нас откако Јован Крстител Го крсти Исуса, па се до денот кога Исус се вознесе на небото. Тој човек треба да биде и очевидец на воскреснатиот Исус, како што сме и ние.“
23 Тогаш предложија двајца: првиот беше Јосиф Барсаба[l], познат и како Јуст, а вториот беше Матија. 24 Пред да го извршат изборот, се помолија вака: „Господе, ти знаеш што лежи во срцето на секој човек. Покажи ни кого си го одбрал од овие двајца 25 да биде апостол наместо Јуда, кој не изневери и заврши таму каде што припаѓа.“ 26 Потоа со ждрепка го одбраа Матија, кој им се приклучи на останатите единаесет апостоли.
1) Разурнувањето на Ерусалимскиот храм
(Мк. 13:1-2; Лк. 21:5-6) 24 Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот. 2 А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“
2) Почеток на неволите
3 Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“
4 Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. 5 Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата[a]!‘ - и ќе измамат мнозина. 6 Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. 7 Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. 8 Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“
3) Прогонства на христијаните
9 „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. 10 Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. 11 Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. 12 Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува се постудена. 13 Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. 14 А Радосната вест[b] за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“
4) Страв и големи маки
(Мк. 13:14-23; Лк. 21:20-24) 15 „Значи, кога ќе видите дека богохулникот[c] што пустоши се наместил на светото место - за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание - 16 тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините, 17 тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината, 18 а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото! 19 Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките! 20 Молете Го Бога вашето бегство да не се случи зиме или во саботен ден! 21 Зашто, тогаш ќе има такви маки, какви што немало од создавањето на светот досега, ниту пак ќе ги има во иднина. 22 Да не беше предвидено скратување на тоа време, никој не би преживеал; но тоа време ќе се скрати, заради избраните од Бога.“
23 „Ако некој тогаш ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ - не верувајте му! 24 Зашто, ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе изведат големи знаци и чуда, обидувајќи се да ги измамат избраните од Бога, ако е можно. 25 Еве, однапред ви кажав. 26 Значи, ако ви речат: ,Ене Го Месијата во пустината!‘ - не одете таму; или: ,Еве Го, се крие овде!‘ - не верувајте им! 27 Зашто, Синот Човечки[d] ќе дојде како молскавица што ќе болсне на исток и веднаш ќе се види на запад! 28 Каде што е мршата, таму ќе се соберат и мршојадците[e].“
5) Враќањето на Христос
(Мк. 13:24-27; Лк. 21:25-28)
29 „Веднаш по неволите во тие дни, ќе потемни Сонцето, Месечината ќе престане да свети, од небото ѕвезди ќе паѓаат и небесните сили ќе се разнишаат[f]. 30 Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава[g]. 31 Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“
Кога ќе се врати Христос?
(Мк. 13:28-37; Лк. 21:29-33; 17:26-36) 32 „Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе и се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото. 33 Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот. 34 Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација[h]. 35 Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!
36 А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото, ниту пак на Божјиот Син[i]. Само небесниот Татко ги знае. 37 Кога ќе дојде Синот Човечки[j], состојбата во светот ќе биде како во времето на Ное. 38 Имено, пред самиот потоп, луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа се до денот кога Ное влезе во бродот; 39 и не сфатија што се случува, додека не дојде потопот и ги однесе сите. Така ќе биде и кога ќе се врати Синот Човечки. 40 Во тој миг, од двајца што ќе работат на нива, едниот ќе биде земен на небото, а другиот оставен; 41 од две жени што ќе мелат во мелница, едната ќе биде земена, а другата оставена.
42 Значи, бидете подготвени, зашто не го знаете денот во кој вашиот Господ ќе се врати. 43 Но да знаете дека, кога еден домаќин би знаел во кое време на ноќта ќе му дојде крадец, тој би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата! 44 Значи, бидете духовно подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“
За будниот и верен слуга
(Лк. 12:41-48) 45 „Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни, 46 и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар! 47 Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот! 48 Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘, 49 и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници, 50 тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, 51 и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest