M’Cheyne Bible Reading Plan
ВИДЕНИЈА ЗА ИДНИНАТА
Опис на Божјиот престол
4 Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“
2 Тогаш паднав во занес[a] и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот. 3 Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол[b]. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд. 4 Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите. 5 Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот[c] Божји Дух. 6 Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал.
Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад. 7 Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет. 8 Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат:
„Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“
9 Секојпат кога четирите суштества Му оддаваа слава, чест и благодарност на Оној што седеше на престолот - на Вечно Живиот - 10 во истиот миг дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум и Му се поклонуваа на Вечно Живиот, положувајќи ги своите венци пред престолот и говорејќи:
11 „Достоен Си, Господе и Боже наш,
да примиш слава, чест и власт,
зашто Ти си Творецот на се,
и се што постои, Тебе Ти го должи[d] своето постоење и создавање!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest