M’Cheyne Bible Reading Plan
Против предрасудите
2 Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо. 2 Да претпоставиме дека на вашата богослужба доаѓа човек со златни прстење на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека. 3 Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“, 4 зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!?
5 Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат? 6 А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите! 7 Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите?
8 Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси[a].“ 9 Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници.
10 Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон. 11 Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба[b]!“, рекол и: „Не убивај[c]!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот.
12 Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува! 13 Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата[d].
Неделотворната вера е бескорисна
14 Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? 15 Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. 16 Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? 17 Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера.
18 Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера. 19 Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв!
20 Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист[e]!? 21 Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот? 22 Гледате ли дека неговата вера беше сообразена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера. 23 Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „Авраам[f] Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател.
24 Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера. 25 Така беше и со блудницата Рахаба. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез.
26 Како што телото без дух е мртво, така и верата без соодветни дела е мртва.
Сатаната го искушува Исуса
(Матеј 4:1-11; Марко 1:12-13) 4 Исус се врати од реката Јордан исполнет со Светиот Дух. Духот Го одведе во пустината, 2 каде што Ѓаволот Го искушуваше четириесет дена. За сето тоа време Тој не јадеше ништо и на крајот многу огладне. 3 Тогаш Ѓаволот Му рече: „Ако си Ти навистина Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ 4 Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели[a]: ,Човекот не живее само од леб!‘“
5 Тогаш Ѓаволот Го крена на високо место и за миг Му ги покажа сите царства на Земјата, 6 па Му рече: „Ќе Ти дадам власт над сите нив и сиот нивни раскош, зашто тие мене ми се дадени и јас можам да ги давам кому што сакам! 7 Значи, сево ова ќе Ти припадне Тебе, ако ми се поклониш.“ 8 Исус му одговори: „Светото Писмо вели[b]: ,Поклонувај Му се на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
9 Потоа Ѓаволот Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот од Божјиот храм и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, 10 зашто во Светото Писмо пишува[c]: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат‘, 11 и дека тие ќе Те понесат на своите дланки, за да не си ја сопнеш ногата на камен.“ 12 Исус му одговори: „Но, го пишува[d] и следново: ,Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“ 13 Исцрпувајќи ги сите можни искушенија, Ѓаволот Го остави, очекувајќи друг погоден момент.
Почеток на Христовата служба
(Матеј 4:12-17; Марко 1:14-15) 14 Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај. 15 Тој поучуваше по синагогите[e] и сите Го фалеа.
16 Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо. 17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано[f] следново:
18 „Врз Мене почива Духот на Господ,
зашто Тој Ме назначи[g] да им ја донесам
Радосната вест на бедните,
19 да им навестам ослободување на заробените,
да им го вратам видот на слепите,
да ги ослободам угнетените,
да го прогласам времето на Господовата благонаклоност.“
20 Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него, 21 па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“
22 Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“ 23 Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум. 24 Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење.
25 Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја, 26 сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат[h], во Сидонската земја. 27 Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“
28 Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија; 29 па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна. 30 Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде.
Исусовите дела во Кафарнаум - Истерувањето на демони
(Марко 1:21-28) 31 Потоа Исус замина за Кафарнаум, град во Галилеја, каде што во саботите го поучуваше народот. 32 Луѓето беа одушевени од Неговите поуки, зашто Тој зборуваше со авторитет.
33 Во синагогата[i] имаше еден човек обземен од демон, кој викаше на сиот глас: 34 „Што сакаш од нас, Исусе од Назарет? Зар Си дошол да нe уништиш? Знам Кој си Ти: Ти си Божјиот Светец, испратен од Бог!“ 35 Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го. 36 Луѓето беа стаписани и си говореа еден со друг: „Какви моќни зборови, полни со власт и сила да им се заповеда на демони и тие да излегуваат!“ 37 По ова, веста за Исус се разнесе низ сите околни места.
Исус ја исцелува тештата на Петар и други
(Матеј 8:14-17; Марко 1:29-34) 38 Исус си замина од синагогата и дојде во куќата на Својот ученик Симон Петар, каде што неговата тешта лежеше болна и имаше голема треска. Исус беше замолен да ја исцели, а 39 Тој се наведна над неа и со заповед ја ослободи од треската. Жената веднаш стана и почна да ги послужува.
40 На зајдисонце сите што имаа болни од некаква болест ги носеа кај Исус и Тој ги положуваше Своите раце врз нив и сите тие оздравуваа. 41 Од мнозина излегуваа демони, извикувајќи: „Ти си Божјиот Син!“, а Тој им забрануваше да зборуваат, зашто тие знаеја дека Тој е Месијата.
Исус проповеда по цела Јудеја
(Марко 1:35-39) 42 Следниот ден, во мугрите, Исус стана и отиде сам на едно пусто место. Луѓето почнаа да Го бараат и кога Го најдоа Го задржуваа да не си оди, 43 но Тој им рече: „Треба да ја проповедам Радосната вест за Божјото царство и во другите градови, зашто сум испратен за таа цел.“ 44 И проповедаше по синагогите низ цела Јудеја.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest