Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

M’Cheyne Bible Reading Plan

The classic M'Cheyne plan--read the Old Testament, New Testament, and Psalms or Gospels every day.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Error: Book name not found: Exod for the version: Macedonian New Testament
Јован 12

Помазанието на Исус

(Мaтej 26:6-13; Марко 14:3-9) 12 Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. Тогаш Марија зеде половина литар[a] чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот.

Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече:

„Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии[b], а парите да им се разделат на сиромасите!“ Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него.

„Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“

Завера и против Лазар

Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. 10 Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, 11 бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус.

Свеченото влегување во Ерусалим (Цветници)

(Матеј 21:1-11; Марко 11:1-11; Лука 19:28-40) 12 Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим. 13 Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега[c]! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот[d] на Израел!“

14 Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо:

15 „Не плаши се, ерусалимски[e] народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре[f]!“

16 Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави[g], тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци.

17 А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка. 18 Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо. 19 Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“

20 А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. 21 Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ 22 Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.

23 Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.

24 Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. 25 Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази[h] да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. 26 Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“

Исус ја навестува Својата смрт

27 „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел[i] дојдов на овој свет! 28 Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ 29 Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“

30 Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. 31 Сега е време за суд над овој свет. Владетелот[j] на овој свет сега ќе биде соборен. 32 А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ 33 Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре.

34 Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо[k] дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“

35 „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината[l], додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. 36 Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.

Неверството на еврејскиот народ

37 Иако Исус направи толку големи чуда пред Евреите, најголемиот дел од нив, сепак не поверуваа во Него, 38 за да се исполни пророштвото изречено од пророкот Исаија: „Господе, кој и поверува на нашата порака? На кого да му се објави спасоносната сила Господова[m]?“

39 Тие не можеа да поверуваат, зашто Исаија го рекол и следното[n]:

40„Бог им ги ослепе очите и

им го закорави умот на овие луѓе,

за да не гледаат со очите,

и да не разберат со умот,

та да се обратат и Јас да ги излекувам.“

41 Исаија го кажа ова затоа што ја виде Христовата слава и зборуваше за Него.

42 Па, иако многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата[o]. 43 Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог.

Зборовите на Исус ќе им судат

44 Тогаш Исус гласно извика: „Секој што верува во Мене, истовремено верува и во Оној што Ме испрати! 45 Секој што Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме испрати[p]. 46 Јас дојдов за да бидам светлина на овој свет. Кој верува во Мене, нема да живее во мрак.

47 Јас нема да им судам на оние што ги слушаат Моите зборови, а не ги исполнуваат[q], зашто Јас дојдов да го спасам светот, а не да му судам. 48 За оние што Ме отфрлаат и не ги примаат Моите зборови постои Судија: учењето што го објавив ќе им суди на Судниот Ден[r]. 49 Јас не зборувам од самоволие, туку го кажувам и го објавувам она што ми го кажа Таткото Кој Ме испрати. 50 Јас знам дека Неговите заповеди носат вечен живот[s]. Значи, сето ова што го зборувам Јас е она што Таткото Ми заповеда да го кажам.“

Error: Book name not found: Prov for the version: Macedonian New Testament
Ефешаните 2

Оживеани со Христос

Порано и вие бевте мртви, вечно осудени од вашите престапи и гревови. Живеевте грешно, онака како што живее и останатиот свет. Му се покорувавте на Ѓаволот, на оној што владее со силите во воздухот, на духот што и сега владее во оние што не Му се покоруваат на Бог. Сите ние порано живеевме така. Се раководевме од нашите телесни страсти, го правевме она што го сака нашата грешна природа, преку телото и умот. Со таквата наша природа ние бевме подложни на Божјиот гнев, како и другите луѓе.

Но Бог е толку полн со милост, толку е голема љубовта што ја чувствува спрема нас, така што уште додека бевме мртви, удавени во нашите гревови, Тој не врати во живот. Со тоа што го воскресна Христос, ни овозможи и нам да оживееме. Вашето спасение е резултат на Божјата благонаклоност, која никој од нас не ја заслужува. Значи, заедно со Исус Христос, Бог не воскресна и нас, и ни даде место на небото, веднаш до Исус, затоа што сме во единство со Него. Тоа го стори за да бидеме пример во времињата што доаѓаат за Неговата огромна благонаклоност, што се покажа преку сето она што Тој го стори за нас, кои сме на страната на Исус Христос.

Бог, кога поверувавте, ве спаси поради Својата милостива благонаклоност спрема вас. Спасението не е по ваша заслуга, тоа е Божји дар. Никој не го заработил[a], па да може да се фали. 10 Ние сме Божјо совршено, врвно дело. Создадени сме преку Исус Христос, за да живееме живот исполнет со добри дела, што Бог уште одамна ги испланирал[b] за нашите животи.

Помирување и единство преку Христос

11 Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“. 12 Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог. 13 Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас.

14 Христос е Тој што не помири[c], Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели. 15 Со Својата смрт Христос му стави крај[d] на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир. 16 Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ. 17 Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу. 18 Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото.

Храмот Господов

19 Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство. 20 И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен[e] камен. 21 Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ. 22 Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest