Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

M’Cheyne Bible Reading Plan

The classic M'Cheyne plan--read the Old Testament, New Testament, and Psalms or Gospels every day.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Error: Book name not found: Exod for the version: Macedonian New Testament
Јован 6

Исус нахранува над пет илјади души

(Матеј 14:13-21; Марко 6:30-44; Лука 9:10-17) По ова, Исус отиде од другата страна на Галилејското Езеро (или како што поинаку се нарекува - Тибериско[a] Море). Многуброен народ постојано Го следеше, бидејќи ги гледаше чудата на исцелување што Тој ги правеше над болните. Исус се искачи на планината и таму седна со Своите ученици. Наскоро доаѓаше еврејскиот празник Пасха.

Кога Исус го подигна својот поглед и забележа дека многуброен народ доаѓа кај Него, му се обрати на Филип: „Каде да купиме леб за да ги нахраниме луѓево?“ Исус го рече ова за да види што ќе му одговори Филип, бидејќи Исус знаеше што ќе прави.

„За да добие секој од нив барем по едно залаче, ќе треба да купиме леб за повеќе од двесте денарии[b]!“ - одговори Филип.

Тогаш Андреј, еден од Исусовите ученици и брат на Симон Петар, Му рече: „Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку многу народ!?“

10 „Кажете им на луѓето да седнат“ - рече Исус. На тоа место имаше многу трева, па луѓето испоседнаа, а на број беа околу пет илјади, сметајќи ги само мажите. 11 Тогаш Исус ги зеде лебовите, и откако Му заблагодари на Бог, им ги раздели на поседнатите луѓе, а им раздели и од рибите, на секој колку што сакаше.

12 Кога народот се најаде, Исус им рече на Своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа, ништо да не пропадне.“ 13 Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа.

14 Кога го видоа чудото што Исус го направи, луѓето говореа: „Овој навистина е Пророкот чие доаѓање на светот ни беше предвестено!“

15 Но, Исус, кога дозна дека наумиле сосила да Го зграпчат и да Го прогласат за цар, повторно се повлече сам во гората.

Исус оди по езерото

(Матеј 14:22-33; Марко 6:45-52) 16 На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото. 17 Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив. 18 Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува. 19 Кога извеслаа околу четири до пет километри[c], тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија. 20 А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“ 21 Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!

Луѓето Го бараат Исус

22 Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него. 23 Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови. 24 Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.

Исус е животодавен Леб

25 Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“

26 Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! 27 Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“

28 „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие.

29 Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“

30 Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш? 31 Нашите предци јадеа мана[d] во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“

32 Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото. 33 Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“

34 „Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“

35 Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни. 36 Но ви реков дека, иако Ме видовте, сепак не верувате во Мене. 37 Секој што Ми е даден од Татко Ми, ќе дојде кај Мене, а Јас нема да одбијам ниту еден од оние што доаѓаат кај Мене. 38 Јас не слегов од небото за да ја вршам Својата волја, туку да ја вршам волјата на Бог, Кој Ме прати. 39 А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот. 40 Волјата на Мојот небесен Татко е: секој што го гледа Синот и верува во Него, да има вечен живот и на крајот Јас да го воскреснам.“

41 Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“ 42 Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“

43 Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе! 44 Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот! 45 Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите[e]‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене. 46 Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото. 47 Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот. 48 Јас сум животодавниот Леб. 49 Вашите предци јадеа мана[f] во пустината, но потоа умреа. 50 Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре. 51 Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“

52 Тогаш Евреите почнаа одново да се препираат помеѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да се храниме со Него!?“

53 Исус, пак, им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се храните од телото на Синот Човечки и не се напојувате од Неговата крв - ќе немате живот во себе! 54 Оној што се храни[g] од Моето тело и се напојува од Мојата крв, има вечен живот и на крајот, Јас ќе го воскреснам. 55 Моето тело е вистинска[h] храна и Мојата крв е вистинска напивка. 56 Кој се храни[i] од Моето тело и се напојува од Мојата крв, живее во Мене и Јас во него.

57 Мене Ме испрати живиот Татко, и како што причина за Моето живеење е Таткото, така и оној што се храни од Мене ќе живее заради Мене. 58 Лебот што слезе од небото не е како лебот што вашите предци го јадеа, а потоа умреа; тој што го јаде овој Леб - ќе живее вечно!“ 59 Исус ги изрече овие зборови додека поучуваше во синагогата, во градот Кафарнаум.

60 Кога го слушнаа тоа, голем број од следбениците на Исус рекоа: „Тешко е ова учење; кој може да го слуша!?“

61 Свесен дека Неговите ученици мрморат за тоа, Исус им рече: „Зар ова ве натера да потклекнете!? 62 А што, ако Ме видите Мене, Синот Човечки, како се искачувам на небото, каде што бев порано!? 63 Духот е Тој што дава живот, а не човечкото тело. Зборовите што ви ги кажав се од тој животодавен Дух[j]. 64 Но меѓу вас има некои што не веруваат.“ Исус го рече ова, зашто од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој ќе Го предаде. 65 Потоа им рече: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, ако тоа не му е овозможено од небесниот Татко.“

66 Од тој момент многумина од Неговите ученици Го напуштија и престанаа да одат со Него.

67 Тогаш Исус им рече на Дванаесеттемина: „Ако сакате, можете и вие да си заминете“.

68 Симон Петар Му одговори: „Господе, кај кого да одиме? Твоите зборови носат вечен живот! 69 Ние веруваме во Твоите зборови и знаеме дека Ти си Светецот, Кој ни дојде од Бога.“

Невера меѓу Своите родени браќа

70 Исус, пак, им одговори: Нели Јас ве избрав вас дванаесеттемина? Па сепак, еден од вас е ѓавол.“ 71 Тоа го рече за Јуда, синот на Симон Искариот, еден од дванаесеттемина, кој имаше намера да Го предаде.

Error: Book name not found: Prov for the version: Macedonian New Testament
Галатите 2

Апостолите одобруваат

По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба[a], а со себе го поведов и Тит. Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа. Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, иако некои таканаречени „христијани“[b] се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот. Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас.

Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. 10 Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам.

Павле го укорува Петар за дволичност

11 Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! 12 Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! 13 Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство!

14 Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила[c]!? 15 Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не грешници од народите кои не Го познаваат Бога. 16 Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“

17 Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос не направи грешници? Се разбира, не! 18 Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал! 19 Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос, 20 и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене. 21 Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува!

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest