M’Cheyne Bible Reading Plan
3 Меѓу фарисеите[a] имаше еден човек по име Никодим[b], кој беше еврејски верски старешина. 2 Тој дојде кај Исус ноќе и му рече: „Раби, знаеме дека Ти си учител дојден од Бог, зашто овие чуда што Ти ги правиш никој не може да ги прави, ако Бог не е со него!“
3 Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново[c] не се роди, не може да го види Божјото царство!“
4 „Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“
5 Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство!
6 Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. 7 Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘ 8 Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“
9 „Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим.
10 Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? 11 Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате. 12 Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!? 13 Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки[d], Кој слезе од небото. 14 Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината[e], така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат. 15 Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот.
16 Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот. 17 Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него. 18 Ниту еден што верува во Него нема да биде суден. Оној, пак, што не верува, веќе е осуден, затоа што не поверувал во Единородниот Божји Син.
19 Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли. 20 Секој што врши зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај неа, за да не се разоткријат неговите гревови. 21 Оној, пак, кој живее според вистината, доаѓа кај Светлината за да се види дека неговите постапки се направени во послушност спрема Бог.“
22 По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. 23 Јован исто така крштаваше во Енон[f], близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.
25 Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. 26 Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“
27 Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото[g]. 28 Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. 29 Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. 30 Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“
Дојдениот од небото
31 Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. 32 Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. 33 Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. 34 Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. 35 Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. 36 Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен[h] на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна!
Апостол Павле говори за виденијата и откровенијата што ги имал
12 Иако фалењето не е добро, сакам да ви раскажам за виденијата и откровенијата што ги добив[a] од Господ. 2 Пред четиринаесет години бев[b] однесен на третото небо. Дали бев грабнат сосе тело, или само мојот дух, не знам. Тоа Бог го знае. 3 Бог знае дали грабнувањето беше сосе тело, или само на духот, но знам дека се случи. 4 Бев грабнат и однесен во рајот. Таму чув работи што не можат да се искажат, а и не ми беше дозволено да ги кажувам. 5 Со таквото доживување можам да се фалам, а со самиот себе не можам да се фалам, освен да признаам дека сам по себе сум немоќен. 6 Кога би сакал да се фалам, има многу работи со кои би можел да се пофалам, и тоа не би било неразумно, бидејќи е вистина. Но ќе се воздржам од фалење. Не сакам некој да стекне повисоко мислење за мене од она што го добива гледајќи ме и слушајќи ме.
7 Но, за да не станам премногу горделив поради многубројните откровенија што ги добив од Бог, ставен ми е трн во телото, сатански ангел, кој ме измачува и така ме држи во понизност. 8 Трипати во агонија Го молев Господ да ме ослободи од него, 9 но Тој ми рече: „Ја имаш Мојата благонаклоност и тоа ти е доволно! Мојата сила најдобро се забележува во твојата немоќ!“ Затоа, смело ја признавам својата немоќ зашто така станува очигледно дека Христовата сила работи преку мене. 10 Затоа, заради Христос, јас смело ги поднесувам немоќта, навредите, маките, прогоните и тешкотиите. Бидејќи, кога јас сум најнемоќен, Господ преку мене дејствува најмоќно!
Загриженост за христијаните во Коринт
11 Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши ‚големи апостоли‘. 12 Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела. 13 Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве ‚онеправдал!‘
14 Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата. 15 Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам се што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате.
16 Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да не придобие!“ 17 Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале? 18 На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене?
19 Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог не слуша. Се што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме. 20 Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие. 21 Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest