Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

M’Cheyne Bible Reading Plan

The classic M'Cheyne plan--read the Old Testament, New Testament, and Psalms or Gospels every day.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Error: Book name not found: Exod for the version: Macedonian New Testament
Лука 13

13 Во тоа време дојдоа некои луѓе кај Исус и Му кажуваа за група Галилејци што ги убил Пилат додека тие принесувале жртви во ерусалимскиот храм, така што нивната крв се измешала со крвта на жртвите. А Тој им рече: „Немојте да мислите дека овие Галилејци биле најгрешните луѓе меѓу Галилејците, затоа што настрадале на ваков начин! Не, туку, и вам ви велам: ако не се покаете - сите ќе изгинете така! И немојте да мислите дека оние осумнаесетмина што беа згмечени кога врз нив падна кулата во Шилоах[a] беа најгрешни меѓу жителите на Ерусалим! Ви велам дека не беа најгрешни, но ако не се покаете - сите ќе изгинете така!“

Споредба со неплодната смоква

Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Еден човек имаше во лозјето насадено смоква. Кога дојде да набере плод од неа - не најде. Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години по ред доаѓам и барам плод на оваа смоква, но плод нема; затоа - пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата?“ А лозарот му одговори: „Господару! Остави ја уште годинава. Јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам; можеби тогаш ќе роди нешто. Ако и потоа не роди ништо - пресечи ја!“

Исус исцелува една жена во сабота

10 Една сабота Исус поучуваше во синагогата[b]. 11 Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. 12 Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ 13 Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога.

14 Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ 15 А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, 16 а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ 17 Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.

Споредба со синапово зрно

(Матеј 13:31-32; Марко 4:30-32) 18 Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство? 19 Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“

Споредба со квасец

(Матеј 13:33) 20 Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство? 21 Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“

22 На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето. 23 Некој го праша: „Господине, мал број ли ќе бидат луѓето што ќе се спасат?“ А Исус им се обрати на сите:

24 Вратата кон небото е тесна, затоа трудете се да влезете низ неа. Ве уверувам дека мнозина ќе сакаат да влезат, но нема да можат! 25 Штом ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата, тогаш, вие, ако останете надвор, ќе тропате и ќе викате: ,Господе, отвори ни!‘ А Тој ќе ви одговори: ,Не ве познавам кои сте и од каде сте?‘ 26 Вие ќе викате: ,Со тебе јадевме и пиевме; Ти поучуваше по нашите улици!‘ 27 Но Тој повторно ќе ви рече: ,Не знам кои сте и од каде сте! Бегајте од Мене сите вие што вршевте зло!‘ 28 Колку ќе плачете и ќе крцкате со заби тогаш, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а вие ќе останете избркани надвор! 29 Таму ќе има луѓе од исток и од запад, од север и од југ и ќе седнат на трпезата во Божјото царство. 30 Некои што овде се презрени, таму ќе бидат почитувани, а некои што овде се почитувани, таму ќе бидат презрени[c]!“

Непоколебливата определба на Исус

31 Во тие мигови кај Исус дојдоа неколку фарисеи и Му рекоа: „Замини си одовде и оди на некое друго место, зашто Ирод сака да Те убие!“ 32 Но Исус им одговори: „Одете кај тој лисец и кажете му: уште денес и утре ќе истерувам демонски духови и ќе исцелувам, а на третиот ден ќе завршам. 33 Но денес, утре и задутре морам да го продолжам Својот пат, зашто не прилега Божји пророк да загине на друго место, туку - во Ерусалим!“

Судбината на Ерусалим

(Матеј 23:37-39) 34 „Ерусалиме, Ерусалиме - ти што ги убиваш Божјите пророци и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати се обидував да ги закрилам твоите жители, како што квачката ги закрилува пилињата под своите крилја, но не Ми допуштивте! 35 Затоа, вашиот дом ќе биде препуштен да запусти. Ве уверувам дека отсега нема да Ме видите, сe додека не дојде време кога ќе речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ[d]!‘

Error: Book name not found: Job for the version: Macedonian New Testament
1 Коринќаните 14

Дарбата за зборување туѓи јазици

и дарбата за пророкување

14 Љубовта нека ви биде највозвишената цел! Бидете желни и за духовни дарби, а посебно за дарба да пророкувате[a]. Зашто, кога некој зборува на непознати јазици, Бог ќе го разбере, но не и луѓето. Тоа што го зборува воден од Светиот Дух, ќе остане тајна за луѓето. А оној што пророкува, им зборува на луѓето за да ги поучи, да ги опомене и да ги утеши. Оној што зборува на непознати јазици, самиот себе се надградува, а оној што пророкува ги надградува сите што се во црквата.

Би сакал сите вие да имате дарба да зборувате на непознати јазици, но повеќе би сакал да умеете да пророкувате. Оној што пророкува извршува поважна служба од оној што зборува на јазици, освен ако има и превод, па луѓето во црквата да можат да се поучат.

Драги мои, ако дојдам кај вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате, ако не ви откријам што значи тоа? Каква полза ќе имате ако не ви кажам нешто што не го знаете, ако не ви пророкувам и не ве поучам? Дури и музичките инструменти, како, на пример, флејта или харфа, иако не се живи суштества, треба да испуштаат јасни тонови, инаку како ќе ја распознаваме мелодијата? Ако трубата не дава препознатлив звук, како ќе знаат војниците дека треба да се подготват за борба? Така и вие, ако не ја пренесете пораката со разбирливи зборови, како ќе се знае што сте рекле? Зборувањето ќе ви биде во ветер!

10 На светот постојат многу јазици и сите си имаат смисла за оние што ги разбираат. 11 Но ако јас не го знам јазикот, ниту јас ќе можам да го разберам човекот што ми зборува на тој јазик, ниту тој ќе може да ме разбере мене. 12 Затоа, кога сте веќе толку желни за духовни дарби, барајте такви дарби што ќе бидат најполезни за Црквата.

13 Оној што има дарба да зборува на туѓ јазик треба да се моли и за способност да им го преведе на слушателите. 14 Зашто, ако се молам на јазик што не го разбирам, мојот дух се моли, но мојот разум нема никаква полза од тоа.

15 Значи, што треба да правам? Да се молам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум! Да пеам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум. 16 Во спротивно, ако се молите само во својот дух, како може оној што не ве разбира да каже „Амин[b]“ на вашите искажани благодарности, кога не разбира што сте рекле? 17 Вие можеби сте Му се заблагодариле на Бог на прекрасен начин, но во тоа нема поука за другите.

18 Благодарен сум Му на Бог што јас зборувам повеќе јазици од сите вас, 19 сепак во црквата претпочитам да кажам пет збора што сите ќе ги разберат и од нив ќе се поучат, отколку десет илјади зборови на јазик што никој не го разбира.

20 Драги пријатели христијани, немојте да се однесувате како да сте со детски ум! Во однос на злото, треба да бидете наивни како деца, но во расудувањето бидете со зрели умови. 21 Во Светото Писмо[c] е напишано:

„Ќе му се обратам на овој народ на разни јазици,

преку луѓе кои ќе им говорат на разни јазици,

но ни тогаш нема да Ме послушаат“ - вели Господ.

22 Духовниот дар да се зборува на туѓи јазици можеби им значи нешто на оние кои се уште не поверувале, но не и на оние што веруваат. Пророкувањето, од друга страна, е првенствено наменето за оние што веруваат, а не за оние што не веруваат. 23 Замислете да се собере целата црква и сите да почнат да зборуваат на непознати јазици; ако влезе некој неупатен или неверен, зар нема да помисли дека сте полуделе!? 24 Но ако во црквата се пророкува, па влезе некој неупатен или неверник, ќе слушне, ќе сфати дека е грешен и дека начинот на кој живее е за осуда. 25 Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас.

Ред на богослужбите

26 Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба. 27 Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува. 28 Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог.

29 И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното. 30 Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува. 31 Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат. 32 Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се воздржуваат и да си го чекаат својот ред! 33 Бог не сака безредие, туку сака се да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви[d].

34 Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон. 35 Ако нешто не им е јасно[e], нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не и прилега да говори на богослужба[f].

36 Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас! 37 Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ. 38 Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него[g]!

39 Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици, 40 но се мора да се прави пристојно и уредно!

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest