M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус испраќа во мисија седумдесет Свои ученици
10 По ова, Господ избра други седумдесет[a] ученици и ги испрати двајца по двајца, како Своја претходница, во секој град и место каде што планираше да оди. 2 Им рече: „Има голема жетва за собирање, а работници има малку. Затоа, молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата нива. 3 Одете! Ве испраќам како јагниња меѓу волци. 4 Не носете со себе ни ќесе со пари, ни торба, ни обувки! Не застанувајте по пат, дури ни за да се поздравите со некого. 5 При влегувањето во секоја куќа, најпрво благословете со зборовите: ,Мир да има во оваа куќа!‘ 6 Ако во таа куќа живее мирољубив човек, мирот навистина ќе му остане; ако не, повлечете го благословот за мир. 7 Задржете се во истата куќа, јадете и пијте од она што имаат да ви дадат, зашто тој што работи ја заслужува својата плата. Не шетајте од куќа до куќа. 8 Кога ќе влезете во некој град каде што ќе ве примат, јадете од тоа што ќе ви го принесат. 9 Исцелувајте ги болните во тој град и зборувајте му на народот: ,Божјото царство допре и до вас!‘ 10 Кога ќе стигнете во некој град каде што нема да ве примат, излезете на улиците и речете им: 11 ,Ви го истресуваме дури и правот од вашиот град, што ни се прилепил за нозете! Но, да знаете дека Божјото царство се доближи и до вас!‘ 12 Ве уверувам дека на Судниот ден ќе му биде полесно на Содом[b], одошто на тој град!“
Осуда на некои тогашни жители
(Матеј 11:20-24) 13 „Тешко тебе, Коразине! Тешко и тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! 14 Но полесно ќе минат Тир и Сидон на Судниот ден одошто вие! 15 А ти, граде Кафарнауме, што се креваш на високо, дури до небото - ќе се струполиш до адот!
16 Исус им рече на Своите ученици: „Оној што вас ве слуша - Мене Ме слуша. Оној што вас ве отфрла - Мене Ме отфрла; а оној што Мене Ме отфрла - Го отфрла Бога, зашто Тој Ме испрати!“
Враќањето на Исусовите ученици
17 Седумдесеттемина[c] се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“ 18 А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото! 19 Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди. 20 Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“
Радоста на Исус
(Матеј 11:25-27; 13:16-17) 21 Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух[d], и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти.
22 Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“ 23 Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие! 24 Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“
25 Еден учител на верскиот Закон[e] дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“ 26 Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо[f]? Што си прочитал во него?“ 27 Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси[g]“. 28 „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“
29 Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“ 30 Исус му одговори вака:
Милостивиот Самарјанец
„Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов. 31 Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина. 32 Истото се повтори кога тука помина и еден Левит[h]: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина. 33 Потоа намина еден Самарјанец[i], му пријде и кога го виде, му стана жал; 34 па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести. 35 Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“
36 Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“ 37 „Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“
Во домот на Марта и Марија
38 Продолжувајќи го своето патување кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици дојдоа во едно село каде што во својот дом ги пречека една жена по име Марта. 39 Таа имаше сестра, по име Марија, која седна до Исусовите нозе за да Ги слуша Неговите поуки. 40 Марта, пак, беше презафатена со послужување, па Му пријде на Исус и Му рече: „Господе, зар не Ти е жал што сестра ми ме остави да ја вршам целата работа сама!? Кажи и да дојде да ми помага!“ 41 А Господ и рече: „Марто, Марто! Прекумерно се грижиш и тревожиш за многу нешта, 42 а само едно е потребно! Марија го одбра најдоброто - она што ќе и остане трајно!“
11 Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос.
ЗА НЕКОИ ПРАВИЛА НА БОГОСЛУЖБИТЕ
2 Мило ми е, драги пријатели, дека постојано сум ви во мислите и ве пофалувам дека точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов. 3 Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог[a]. 4 Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос. 5 И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да и е избричена главата. 6 Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижена! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала[b]. 7 Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот. 8 Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж. 9 Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот. 10 Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост[c], бидејќи ангелите гледаат.
11 Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот. 12 Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на се што суштествува е Бог.
13 Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата? 14 Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса? 15 Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа и е дадена како еден вид покривало на главата. 16 Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај[d].
2) За Господовата спомен
-вечера (Причест) 17 За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза! 18 Пред се, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност. 19 Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи[e] што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината.
20 Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера[f] 21 секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донесол, па еден останува гладен, а друг се опива! 22 Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам!
23 И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб, 24 се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е Моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“ 25 Исто така, по вечерата зеде чаша со вино[g] и рече: „Оваа чаша е Новиот завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“ 26 Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, се додека Тој повторно не дојде.
27 Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ. 28 Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера. 29 Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе! 30 Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа.
31 Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани. 32 А кога Господ не кара и казнува, тоа е за да не поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет. 33 Затоа, драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се! 34 Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда.
А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest