M’Cheyne Bible Reading Plan
Жените во служба на Радосната вест
8 Потоа, Исус ги обиколуваше градовите и селата, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство. 2 Во Негова придружба беа дванаесеттемина Негови ученици и извесен број жени што ги беше исцелил од демонски духови и од разни болести. Меѓу нив беа: Марија, наречена Магдалена[a], од која Исус истера седум демони; 3 Јоана - сопруга на Иродовиот висок службеник, Куза; потоа Сузана и многу други жени кои од своите лични средства ги помагаа Исуса и Неговите ученици.
Споредба со четирите видови почви
(Матеј 13:1-9; Марко 4:1-9) 4 Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба:
5 „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. 6 Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. 7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. 8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Матеј 13:10-17; Марко 4:10-12) 9 Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, 10 а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“
Објаснување на четирите видови почви
(Матеј 13:18-23; Марко 4:13-20) 11 „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. 12 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. 13 Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. 14 Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. 15 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“
Свеќа под капак
(Марко 4:21-25) 16 „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата. 17 Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста. 18 Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“
Кое Му е вистинско семејство на Исус?
(Матеј 12:46-50; Марко 3:31-35) 19 Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него. 20 Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“ 21 А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“
Исус смирува бура
(Матеј 8:23-27; Марко 4:35-41) 22 Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. 23 Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. 24 Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. 25 Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“
Исцелување на бесниот од Гадара
(Матеј 8:28-34; Марко 5:1-20) 26 Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара[b], спроти Галилеја. 27 Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. 28 Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ 29 Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. 30 Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. 31 Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната[c]. 32 А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. 33 Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија.
34 Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. 35 Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. 36 А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. 37 Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. 38 А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; 39 но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.
Исцелување од крвавење
Оживување на Јаировата ќерка
(Матеј 9:18-26; Марко 5:21-43) 40 Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа. 41 Му пристапи еден човек по име Јаир[d], кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома, 42 каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни. 43 Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува. 44 Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре. 45 А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“ 46 Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“ 47 Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела. 48 Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“
49 Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“ 50 Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“ 51 Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. 52 Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“ 53 Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво. 54 Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“ 55 Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде. 56 Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи.
Апостол Павле
- пример на самоодрекување 9 Зар јас немам иста слобода како другите? Зар јас не сум апостол? Зар лично не сум Го видел нашиот Господ Исус? Зар не поверувавте во Господ преку мојот труд? 2 Ако за некои не сум апостол, за вас сигурно сум! Вие сте, всушност, жив доказ дека јас сум апостол на Господ.
3 Мојата одбрана пред оние што го доведуваат во прашање мојот авторитет како апостол гласи: 4 Зар јас и Барнаба немаме право на храна и вода во вашите домови? 5 Зар ние немаме право да се ожениме со христијанки и да ги водиме со нас, како што прават другите апостоли, браќата на Господ, па и Петар[a]? 6 Зар само јас и Барнаба мораме самите да се издржуваме додека проповедаме? 7 Кој војник сам си ги плаќа трошоците на своето служење? Кој одгледува лозје, а не јаде од неговиот род? Кој пасе овци, а не пие млеко од нив? 8 Не го зборувам тоа само од човечка гледна точка. Зар и Божјиот Закон не го вели истото? 9 Во Мојсеевиот Закон е запишано: „Не врзувај му ја устата на добитокот што врши жито[b].“ Бог сигурно не мисли тука првенствено на добитокот. 10 Зар тоа не е кажано за нас? Како што им следува надомест на оној што ора и на оној што врши, така им следува и на оние што се духовни работници.
11 Ако ние во вас посадивме духовни добра, зар е голема работа ако за возврат добиеме дел од вашите материјални добра? 12 Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зар ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме се, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосната вест од Христос.
13 Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот добиваат дел од принесеното? 14 Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат.
15 Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест. 16 Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!
17 Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери. 18 Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник.
19 Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата[c], но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. 20 Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. 21 Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон.
22 Кога сум со сиромаси[d] и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. 23 Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи.
24 Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите! 25 Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди. 26 Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно, 27 туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest