M’Cheyne Bible Reading Plan
Евангелието според
Марко
ПОДГОТОВКИ ЗА НАСТАПОТ НА ИСУС ХРИСТОС
Проповедањето на Јован Крстител
(Мт. 3:1-12; Лк. 3:1-18; Јвн. 1:19-28) 1 Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос. 2 Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија:
„Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот.
3 Низ пустината ќе одекнува неговиот глас:
‚Пригответе пат за доаѓањето на Господ!
Исправете го патот за Него[a]!‘“
4 Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите.
5 Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше[b] во реката Јордан.
6 Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед.
7 Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам! 8 Јас сега ве крштавам со[c] вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“
9 Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан. 10 Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус. 11 Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“
Исус и Сатаната
(Мт. 4:1-11; Лк. 4:1-13) 12 Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината. 13 Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.
Почетоци на Исусовата служба
(Мт. 4:12-17; Лк. 4:14-15) 14 Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. 15 Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“
Исус ги избира првите ученици
(Мт. 4:18
-22; Лк. 5:1-11) 16 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. 17 Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ 18 Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19 Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. 20 Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
Исус во Кафарнаум: сабота, во синагогата
(Лк. 4:31-37) 21 Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата[d] и почна да ги поучува луѓето. 22 Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите[e].
23 Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен[f] со демонски дух и почна да вика: 24 „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“
25 Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ 26 Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.
27 Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“
28 Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.
Исус исцелува многу луѓе
(Мт. 8:14-17; Лк. 4:38-41) 29 Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. 30 Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. 31 Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува.
32 Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. 33 Целиот град се собра пред вратата. 34 Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.
35 Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. 36 Симон и другите тргнаа да Го бараат. 37 Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ 38 А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“ 39 Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност.
Исцелување на еден лепрозен човек
(Мт. 8:1-4; Лк. 5:12-16) 40 Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш[g]!“ 41 Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“ 42 Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве.
43 Испраќајќи го, Исус строго му нареди: 44 „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот[h] и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“
45 Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него.
Писмо од апостол Павле до христијаните во
Рим
Авторство и поздрави
1 Од Павле, во служба на Исус Христос, повикан од Бог да бидам Негов апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест. 2 Таа Радосна вест Бог уште одамна ја вети, преку Своите пророци во Светите писма. 3 Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа беше потомок на царот Давид. 4 Што се однесува до Неговата божествена светост, огромна сила потврди дека Тој е Божјиот Син кога Бог Го воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ. 5 Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи да веруваат во Бог и да Му бидат послушни.
6 Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие, 7 драги христијани во Рим. Вие сте Му мили на Бог и Тој ве повикува да бидете Негов свет народ.
Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.
Благодарности на Бог
Готовност за проповедање во Рим
8 Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се раскажува по целиот свет. 9 Бог, Кому јас Му служам со сето свое срце[a] и ја проповедам Радосната вест за Неговиот Син, Тој ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас.
10 Секогаш во моите молитви барам, ако е Божја волја, патот да ме наведе еднаш да дојдам кај вас.
11 Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете. 12 Сакам да ве охрабрам во вашата вера, но сакам и јас да се охрабрам од вас.
13 Сакам да знаете, драги пријатели, дека многупати посакував да дојдам кај вас, за да има плодови и меѓу вас од мојата работа, како што има меѓу другите народи. Но се досега бев спречен.
14 Се чувствувам должен и спрема просветените народи и спрема варварите, и спрема мудрите и спрема неразумните, 15 па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам и кај вас во Рим, за да ви ја проповедам Радосната вест.
Спасението е преку вера
16 Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. 17 Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера[b].“
18 Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината[c], 19 затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. 20 Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог.
21 Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. 22 Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. 23 Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги.
24 Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. 25 Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин!
26 Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи. 27 Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност.
28 Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи. 29 Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања. 30 Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалбаџии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите, 31 неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни. 32 Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest