M’Cheyne Bible Reading Plan
21 Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, откаде што Исус испрати двајца од Своите ученици, 2 порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде. 3 Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот[a] и тој веднаш ќе ги пушти.“ 4 Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија:
5 „Порачајте му на Ерусалим[b]: Еве Го, иде Твојот цар,
понизно јавајќи на магарица и на магаренце -
рожбата на магарицата.“
6 Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус: 7 ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. 8 Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. 9 А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси не сега[c], Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси не сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
10 Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“
11 А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“
Исус го расчистува Храмот
(Мк. 11:15-19; Лк. 19:45-48; Јвн. 2:13-22) 12 Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби, 13 и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол:
,Мојот храм нека биде место за молитва[d].‘
А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
14 Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше. 15 Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси не сега[e], Давидов Сине!“ 16 И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе[f]!?‘“
17 Тогаш Исус ги остави и излегувајќи од градот дојде во Бетанија, каде што и ноќеваше.
Проколнување на неплодната смоква: Со вера с
е е можно (Мк. 11:12-14, 20-24) 18 Рано утредента, на враќањето во Ерусалим, Исус огладне. 19 Забележувајќи една смоква покрај патот, се доближи, но бидејќи на неа најде само лисје, ја проколна, велејќи: „Род да нема на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.
20 Вчудовидени од оваа глетка, учениците Го прашаа: „Како можеше смоквата наеднаш да се исуши?“ 21 А Исус им одговори: „Ве уверувам дека, доколку имате вера и не се сомневате, не само што ќе можете да го правите тоа што и се случи на смоквата, туку, ако и на оваа планина и речете: ,Подигни се и фрли се в море!‘ - тоа ќе се случи! 22 Ако верувате, ќе добиете се што ќе побарате преку молитва.“
Прашања за Исусовиот авторитет
(Мк. 11:27-33; Лк. 20:1-8) 23 Кога Исус дојде во храмот и почна да поучува, Му пристапија свештеничките поглавари и народните старешини и Го прашаа: „Со какво право го правиш ова? Кој те овластил?“ 24 Одговарајќи на ова, Исус им рече: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми одговорите ќе ви кажам и Јас со какво право го правам ова. 25 Од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога[g] или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте?‘ 26 Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“ 27 Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“
Споредба со два сина
28 Потоа Исус им рече: „Што мислите за ова што ќе ви го кажам: еден човек имаше два сина. Отиде кај постариот и му рече: ,Синко, ајде појди на лозјето и работи денес таму.‘ 29 Тој му одговори: ,Не сакам!‘ Но подоцна се премисли и отиде. 30 Таткото отиде и кај помладиот син и му го кажа истото, на што овој рече: ,Ќе одам, господине‘, но не отиде. 31 Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок[h] и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие! 32 Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“
Споредба со лозарите
- убијци (Мк. 12:1-12; Лк. 20:9-19) 33 Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. 34 Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест. 35 Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа. 36 Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин. 37 Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘ 38 Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ 39 Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија. 40 Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ - ги запраша Исус. 41 А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“
42 Исус им рече: „Зар не сте читале што вели Светото Писмо:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија,
стана камен-темелник.
Тоа го направи Господ,
како прекрасна глетка пред нашите очи[i]!‘“
43 „Затоа“ - им рече Исус - „од вас ќе се одземе Божјото царство и ќе им се даде на луѓе кои донесуваат достоен плод.“
44 („Кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој камен - ќе го згмечи!“)[j]
45 Слушајќи ги Исусовите споредби, свештеничките поглавари и фарисеите[k] сфатија дека се однесуваат на нив. 46 Затоа, тие сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот, кој Го сметаше Исуса за пророк.
5) Павле најавува враќање во Ерусалим
21 Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. 2 Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. 3 Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. 4 Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. 5 Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. 6 Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.
7 Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. 8 Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. 9 Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат.
10 Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. 11 Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните[a]‘!“
12 Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. 13 Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ 14 Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“
6) Павле пристигнува во Ерусалим
15 По ова, се подготвивме и тргнавме кон Ерусалим. 16 Со нас патуваа и неколку христијани од Цезареја и не одведоа на гости кај Мнасон, каде што останавме извесно време. Тој беше од Кипар и беше еден од најпрвите Христови следбеници.
17 Кога стигнавме во Ерусалим, тамошните христијани убаво не пречекаа и се израдуваа.
18 Следниот ден Павле, заедно со нас, отиде да го посети апостолот Јаков. На средбата присуствуваа и сите старешини од црквата во Ерусалим. 19 Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што се Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија.
20 Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. 21 Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите. 22 Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде.
23 Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите. 24 Оди со нив во храмот и придружи им се во церемонијата на исчистување, плати им да си ги избричат главите и сите ќе знаат дека она што го слушнале не е вистина, туку дека и самиот ти се придржуваш до еврејските закони.
25 Што се однесува до неевреите - христијани, се што ние бараме од нив, веќе им го напишавме во писмо: да не јадат храна наменета како жртва на идоли, да не консумираат крв, да не јадат месо од задавени животни и да се пазат од блуд.“
26 Павле се согласи и веќе следниот ден, заедно со тие луѓе, ја изврши церемонијата на исчистување. Потоа влезе во храмот и го објави датумот кога нивниот завет ќе биде исполнет и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.
Павле е уапсен во храмот
27 Токму кога седумте дена беа при крај група Евреи од покраината Азија го видоа Павле во храмот, го фатија, па поттикнаа бунт кај народот, 28 викајќи: „Израелци! Помагајте! Овој е човекот кој секаде каде што оди ги учи луѓето против нашиот народ, им кажува да не се придржуваат до еврејските верски закони и зборува против овој храм! Тој дури се осмели во храмот да доведе неевреи и така да го оскверни ова свето место!“ 29 (Тие претходно го беа виделе во градот ефешанецот Трофим во друштво со Павле и мислеа дека тој го довел и во храмот.)
30 Целиот град се крена на нозе. Се насобра многу народ, го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот и веднаш зад него ги затворија портите. 31 Кога се готвеа да го убијат, до командирот[b] на римскиот полк стигна веста дека целиот Ерусалим е на нога! 32 Тој веднаш повика војници и помлади офицери[c], па со трчање отидоа кај толпата. Кога ги видоа полковникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле.
33 Полковникот го уапси Павле и нареди да го врзат со двојни синџири. Потоа праша кој е овој човек и каков прекршок сторил. 34 Едни од толпата викаа едно, други друго, па полковникот не можеше ништо да разбере. Затоа нареди да го одведат Павле во тврдината каде што беше сместена војската. 35 Кога дојдоа до скалите, толпата се однесуваше толку насилнички, што војниците мораа да го кренат Павле и да го носат, за да го заштитат. 36 Толпата продолжи да оди по нив и да вика: „Убијте го!“
Павле зборува пред толпата
37 Пред да влезат во воената тврдина, Павле му рече на полковникот: „Ако ми дозволите, јас би сакал да ви кажам нешто.“
„Зар ти знаеш грчки?“ - му одговори полковникот изненадено. 38 „Значи ти не си оној Египќанец што пред извесно време крена бунт и поведе во пустината четири илјади убијци!“
39 Павле му одговори: „Јас сум Евреин од познатиот град Тарс во покраината Киликија. Сакам да ве замолам да ми дозволите да им се обратам на луѓето.“ 40 Полковникот му дозволи и Павле застана на скалите. Им мавна со раката да молкнат. Кога настана длабока тишина, тој им се обрати на нивниот, арамејски јазик:
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest