M’Cheyne Bible Reading Plan
Знакот на Месијата
(Мк. 8:11-13; Лк. 12:54-56) 16 Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото. 2 Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘ 3 Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете! 4 Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот[a] на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина.
Лажното учење споредено со квасец
(Мк. 8:14-21) 5 Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб. 6 А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“[b] 7 Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“ 8 Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате! 9 Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души? 10 И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души? 11 Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“ 12 Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите.
13 Пристигнувајќи во околината на градот Цезареја Филипова, Исус ги запраша Своите ученици: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“ 14 А тие одговорија: „Едни велат дека Си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека Си пророкот Еремија или еден од пророците.“ 15 „А за кого Ме сметате вие?“- ги праша Исус. 16 Симон Петар прв се произнесе:
„Ти Си Месијата[c] - Синот на живиот Бог!“ 17 Тогаш Исус му рече: „Ти си благословен, Симоне, сине Јованов! Зашто ова сознание не ти е објавено од човек[d], туку од Мојот небесен Татко! 18 Затоа Јас ти велам: ,Ти си Петар‘ (што значи ,карпа‘), и врз оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата Црква, така што ни адските порти не ќе можат да го запрат нејзиниот пробив! 19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство: тоа што ќе го затвориш на Земјата ќе биде затворено и на небесата; а тоа што ќе го отвориш на Земјата, ќе биде отворено и на небесата.“ 20 Потоа им заповеда на Своите ученици никому да не кажуваат дека Тој е Месијата.
Исус првпат ја најавува Својата смрт
(Мк. 8:31 - 9:1; Лк. 9:22-27) 21 Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне.
22 Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“ 23 А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“
24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. 25 Зашто, секој што сака да си го чува животот[e] само за себе - ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене - пак ќе си го најде. 26 А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа?
27 Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела. 28 Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“
ВТОРОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ
НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ
16 Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк. 2 Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија. 3 Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк. 4 Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим. 5 Така црквите стануваа се посилни во верата, а и нивниот број секојдневно се зголемуваше.
Павле добива повик од Македонија
6 Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија[a]. 7 Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија[b], но Духот на Исус не им дозволи. 8 Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.
9 Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ 10 По тоа негово видение, ние[c] веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.
2) Во градот Филипи: обраќањето на Лидија
11 Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. 12 Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија[d]. Таму останавме неколку дена.
13 Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. 14 Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. 15 Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.
Павле и Сила в затвор
16 Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари. 17 Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“
18 Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа.
19 Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. 20 Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! 21 Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“
22 Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. 23 Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. 24 Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.
25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27 Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“
29 Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30 Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31 Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32 Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33 а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34 Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.
35 Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36 Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“
37 Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“
38 Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39 Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40 Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest