M’Cheyne Bible Reading Plan
СЕДУМ СПОРЕДБИ ЗА НЕБЕСНОТО ЦАРСТВО
13 Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. 2 Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. 3 И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби.
1. Споредба со сејачот, семето и почвата
4 „Еден сејач излезе да сее на својата нива.
Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа.
5 Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. 6 Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот.
7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - го задушија стебленцето.
8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. 9 Ако имате уши, слушајте внимателно!“ - заклучи Исус.
Зошто преку споредби?
(Мк. 4:10-12; Лк. 8:9-10) 10 Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ 11 А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. 12 Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. 13 Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. 14 Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели:
,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете;
ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите.
15 Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени!
Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат.
Не сакаат да видат,
да слушнат и да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам[a].‘
16 А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! 17 Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“
Исус објаснува: срцата се како почва
(Мк. 4:13-20; Лк. 8:11-15) 18 „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот.
19 Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот[b] доаѓа и го отстранува посеаното кај нив.
20 Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат; 21 меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат.
22 Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.
23 Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“
2. Споредба со каколот
24 Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. 25 Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. 26 Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. 27 Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ 28 А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ 29 ,Немојте‘ - им одговори тој - ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ 30 Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“
3. Споредба со синаповото зрно
(Мк. 4:30-32; Лк. 13:18-19) 31 Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива. 32 Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“
4. Споредба со квасецот
(Лк. 13:20-21) 33 Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“
За проповедањето преку споредби
(Мк. 4:33-34) 34 Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби. 35 Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот:
„Ќе им говорам преку споредби,
ќе им ги објавам тајните што беа скриени
од создавањето на светот[c].“
Исус ја објаснува споредбата со каколот
36 Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ 37 Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. 38 Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците[d] на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот[e]. 39 Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. 40 Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. 41 Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; 42 тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“
5. Споредба со скриеното богатство
44 „Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава се што поседува и ја купува таа нива.“
6. Споредба со бисерот
45 „Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер; 46 кога ќе го најде, тој оди и продава се што има и го купува.“
7. Споредба со рибарската мрежа
47 „Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби. 48 Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат. 49 Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците, 50 и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“
Спрега меѓу Стариот и Новиот завет
51 „Го разбравте ли сето ова?“ - ги запраша Исус. „Да!“ - Му одговорија тие. 52 А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново[f] и старо.“
Исус се враќа во Назарет, но не е прифатен
(Мк. 6:1-6; Лк. 4:16-30) 53 Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму, 54 и се врати во Назарет - своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите[g]. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда? 55 Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“ 57 Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“ 58 И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда.
ПРВОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА ПАВЛЕ
13 Меѓу пророците и учителите во антиохиската[a] црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘[b], Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот[c] Ирод, и Савле. 2 Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ 3 Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.
1) Мисија во Кипар
4 Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. 5 Таму, во градот Саламис[d], одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.
6 Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус[e]. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. 7 Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. 8 Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. 9 Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи 10 и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? 11 Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“
Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. 12 Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.
2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија
13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[f]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[g], град во областа Писидија.
15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[h] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[i]!‘
23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[j]!‘
26 Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! 27 Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. 28 Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.
29 Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. 30 Но Бог Го воскресна од мртвите! 31 Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ.
32 Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци 33 го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус:
,Ти си Мојот Син,
денес станав Твој Татко[k].‘
34 Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови:
,Тебе ќе ти го дадам
светиот благослов што му го ветив на Давид[l].‘
35 Во еден друг псалм, појаснува:
,Ти нема да дозволиш
Твојот Светец да скапува во гробот[m].‘
36 Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. 37 Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.
38 Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. 39 На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. 40 Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:
41 ,Гледајте, вие подбивачи!
Стаписајте се и изгинете,
зашто она што го правам во вашите дни,
немаше да го верувате
ако некој ви го раскажуваше[n]!‘“
42 На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.[o] 43 Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.
Павле се свртува кон неевреите
44 Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. 45 Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше.
46 Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. 47 Самиот Господ вака ни нареди:
,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи,
да го однесете спасението до краевите на Земјата[p]!‘“
48 Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. 49 Така пораката Господова се ширеше низ целата област.
50 Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. 51 Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата[q] и отидоа во градот Иконија, 52 а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest