M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус и Јован Крстител
(Лк. 7:18-35) 11 Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови.
2 Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици 3 да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ 4 Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: 5 слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат[a], глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест[b]. 6 Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“
7 Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 8 Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 9 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! 10 Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели:
,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе[c].‘
11 Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. 12 Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па се досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! 13 Зашто, се до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. 14 И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. 15 Кој има уши, нека слуша!“
16 „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:
17 ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте;
потоа ви запеавме таговни песни,
но вие не заплакавте!‘
18 Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘ 19 Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок[d] и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“
Осуда на некои тогашни жители
(Лк. 10:13-15) 20 Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог.
21 „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел[e]! 22 Но, ви велам, полесно ќе им биде на Судниот ден на Тир и на Сидон, отколку вам! 23 А ти, граде Кафарнауме што сакаш до небото да се издигнеш! Ете, до адот ќе се струполиш! Да беа во Содом извршени чудата што ги виде ти, тој град до денес ќе постоеше. 24 Но, ти велам, на Судниот ден ќе му биде полесно на градот Содом, отколку тебе!“
Повикот на Спасителот
(Лк. 10:21-22) 25 Во тој момент Исус рече: „Те славам, Татко, Господару на небото и на Земјата, што им го откриваш на скромните она што си го скрил од оние кои се сметаат себе за мудри и учени. 26 Да, Татко, зашто така сакаше Ти.“
27 „Мојот Татко Ме има овластено Мене за се. Никој друг не Го познава Синот[f], освен Таткото, и никој друг не Го познава Таткото, освен Синот и оние на кои Синот сака да им Го објави.“
28 „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам! 29 Земете го Мојот јарем на себе и дозволете Ми да ве научам, бидејќи Јас сум со нежен и кроток дух, и тогаш вашите души ќе се успокојат. 30 Јаремот Мој е лесен, како што е лесен и товарот што ви го давам.“
Петар ги урива еврејските предрасуди
11 Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. 2 Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани[a] почнаа да му приговараат: 3 велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“
4 Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: 5 „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. 6 Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици. 7 Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘
8 Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони[b] никогаш не влегло во мојата уста!‘
9 Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘ 10 Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.
11 Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене. 12 Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. 13 Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. 14 Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘
15 Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот. 16 Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со[c] вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘ 17 Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“
18 Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“
Зачетоци на црква во сириска Антиохија
19 Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. 20 Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците[d] дека Исус е Господ. 21 Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.
22 Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. 23 Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. 24 Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.
25 Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле, 26 па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците[e] на Христос првпат ги нарекоа христијани.
27 Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. 28 Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј. 29 Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. 30 Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest