M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус исцелува еден лепрозен човек
(Мк. 1:40-45; Лк. 5:12-16) 8 Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него. 2 Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш[a]!“ 3 Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата. 4 Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“
Верата на еден римски офицер
(Лк. 7:1-10; Јвн. 4:43-54) 5 Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли, 6 со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“ 7 Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ 8 Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. 9 Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ - и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ - и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ - и тој го извршува.“ 10 Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера! 11 И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство! 12 А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“ 13 Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот.
Исус исцелува во куќата на Петар
(Мк. 1:29-34; Лк. 4:38-41) 14 Потоа Исус отиде во куќата на Својот ученик Петар и таму ја најде тештата на Петар која лежеше болна, со треска. 15 Тој и ја допре раката и треската и помина; таа веднаш стана и Го послужи. 16 Вечерта, кај Исус доведуваа голем број луѓе обземени со демонски духови, а Тој само со збор ги истеруваше демоните и ги исцелуваше сите болни. 17 Со тоа се исполнуваше претскажаното од пророкот Исаија: „Тој не исцели од нашите болки и не оздраве од нашите болести“
Одењето по Исус има своја цена
(Лк. 9:57-62) 18 Забележувајќи голем број луѓе околу Себе, Исус им заповеда на Своите ученици да отпловат од спротивната страна на езерото. 19 Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“ 20 А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки[b], немам Свое место за почивање!“
21 Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“ 22 Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“
Исус стивнува бура
(Мк. 4:35-41; Лк. 8:22-25) 23 Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег. 24 Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал. 25 Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“ 26 А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина. 27 Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
Исус исцелува двајца обземени од демонски духови
(Мк. 5:1-20; Лк. 8:26-39) 28 Исус пристигна во пределите на Гадара[c], од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму. 29 Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да не казниш?“ 30 Во близина пасеше едно големо крдо свињи, 31 и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако не бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“ 32 И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата. 33 А свињарите, бегајќи, отидоа во градот и им раскажаа на тамошните жители за се што се случи со обземените. 34 Тогаш целиот град се упати кон Исус, и штом Го видоа, Го молеа да си оди од нивниот крај.
Савле ја прогонува Црквата
8 Савле го одобруваше убиството на Стефан.
Од тој ден почна големо прогонство против Црквата во Ерусалим, па сите христијани, со исклучок на апостолите, се раштркаа по јудејските области и по Самарија.
2 Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас.
3 Савле почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор.
Радосната вест се проповеда низ Самарија
4 Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос. 5 Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос. 6 Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше и ги гледаше чудата што тој ги правеше. 7 Многу демонски духови со силен викот излегуваа од обземените и многу парализирани и сакати беа исцелени. 8 Во градот завладеа голема радост.
9 Имаше таму и еден човек по име Симон. Тој порано правеше магии и ги восхитуваше луѓето, тврдејќи за себе дека е голем човек. 10 Него го слушаа сите, од мало до големо, велејќи: „Овој човек е сила Божја - ,Голема сила‘.“ 11 Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови. 12 Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени. 13 Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и од видливите докази што Филип ги правеше.
14 Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. 15 Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух, 16 бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. 17 Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух.
18 Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари 19 и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“
20 Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! 21 Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! 22 Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, 23 зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“
24 Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“
25 Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.
26 Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“ 27 Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим, 28 па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија.
29 Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“
30 Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“ 31 „Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него. 32 Тој го читаше следниов дел од Светото Писмо:
„Беше одведен како овца на клање,
молчеше како јагне на стрижење.
Уста не отвори, иако беше
33 понижен и лишен од правда, кога му судеа.
Кој ќе ја сфати неговата генерација[a]
која го лиши од живот на овој свет[b]!?“
34 Потоа евнухот го праша Филипа: „За кого го кажува ова пророкот: за себе или за некоја друга личност?“ 35 Тогаш Филип, почнувајќи од тоа место во Светото Писмо, му проповедаше за Исус.
36 Патувајќи така, дојдоа до една вода и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам!?“ 37 [c]
38 Тогаш евнухот нареди колата да застане, па двајцата слегоа во водата и Филип го крсти. 39 Кога излегоа од водата, Духот Господов го грабна Филипа и евнухот веќе не го виде. Потоа радосен си го продолжи патот. 40 А Филип се појави во градот Азот[d]. Минувајќи низ тие предели, ја проповедаше Радосната вест низ сите градови, се додека не стигна до Цезареја.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest