M’Cheyne Bible Reading Plan
Сатаната го искушува Исуса
(Мк.1:12-13; Лк.4:1-13) 4 Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. 2 Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. 3 Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ 4 Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели[a]:
,Човекот не живее само од леб,
туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“
5 Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот 6 и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува[b]:
,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат,
на своите дланки да Те понесат,
за да не ти се препне од камен ногата.‘“
7 А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“
8 Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; 9 и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ 10 Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели[c]:
,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
11 Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.
Почеток на Исусовата служба
(Мк.1:14-15; Лк.4:14-15) 12 Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја. 13 Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали. 14 Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:
15 „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога, 16 народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“
17 Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“
Исус ги избира првите ученици
(Мк.1:14-20; Лк.5:1-11) 18 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон - подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари. 19 Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“ 20 Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
21 Одејќи понатаму, Исус виде и повика уште двајца браќа: Јаков и Јован, синови на Завдај, кои, заедно со својот татко Завдај се наоѓаа во своето бротче и си ги подготвуваа рибарските мрежи. 22 Тие веднаш ги оставија бротчето и татка си и тргнаа по Исус.
Исус поучува, проповеда и исцелува
23 Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите[d], проповедајќи ја Радосната вест[e] за Божјото царство и исцелувајќи секакви болести и заболувања кај луѓето. 24 Гласот за Него се рашири дури и во Сирија и кај Него ги доведуваа сите заболени од разни болести, луѓе обземени со демонски духови, епилептичари и парализирани - и Исус ги исцелуваше. 25По Него тргна голема толпа народ од покраините Галилеја и Декаполис, како и од Ерусалим, од Јудеја и од пределите источно од реката Јордан.
Националните и верските водачи против апостолите
4 Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. 2 Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. 3 Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. 4 Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи.
5 Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. 6 Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот. 7 Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“
8 Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! 9 Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, 10 знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! 11 Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија
стана Камен-темелник[a].‘
12 Под целиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос!“
13 Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. 14 Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. 15 Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието[b], а тие почнаа да се советуваат: 16 „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. 17 Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“
18 Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.
19 Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? 20 Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“
21 Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: 22 беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!
Молитва за смелост наспроти прогонствата
23 Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. 24 Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! 25 Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови:
,Зошто беснеат паганските народи,
луѓето коваат залудни завери?
26 Цареви по Земјата се креваат
и владетели се здружуваат,
против Господ и против Неговиот Помазаник[c].‘
27 Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. 28 Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. 29 Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! 30 Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“
31 Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака.
Христијански комуни
32 Сите што поверуваа беа толку сплотени и еднодушни, што никој од нив не зборуваше за својот имот како за лична сопственост, туку се им беше заедничко. 33 Апостолите со голема смелост сведочеа за воскресението на Господ Исус, и Бог спрема сите нив беше многу благонаклонет. 34 Меѓу нив немаше сиромаси, зашто оние што имаа ниви и куќи ги продаваа и парите од продаденото 35 им ги даваа[d] на апостолите, а тие на секого му делеа според неговите потреби.
36 На пример, Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба, односно ‚Утешител‘[e] кој беше од племето на Левиј, а родум од Кипар, 37 имаше нива, и откако ја продаде, ги донесе парите и им ги предаде на апостолите.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest