M’Cheyne Bible Reading Plan
Падот на ,Вавилон‘
18 Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата. 2 Ангелот извика со силен глас:
„Падна, падна големиот Вавилон
и се претвори во живеалиште на демони,
гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици,
дувло на сите гнасни животни!
3 Зашто сите народи ги опијани
со жестокото вино на својот блуд!
Сите владетели на Земјата
блудничеа со вавилонската блудница,
а сите трговци на Земјата
се богатеа од нејзината необуздана похот[a]“!
4 Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече:
„Истапи од вавилонската блудница, народе Мој!
Не учествувај во нејзините гревови,
за да не станеш соучесник во нејзината казна!
5 Зашто нејзините гревови се напластија до небото,
и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!
6 Направете и како што таа ви правеше вам,
вратете и двојно за злото што таа ви го стори!
Нека испие двојно погорчлива напивка
од онаа што им ја даваше на другите!
7 Зададете и толку маки и жалости,
колку што раскош и уживања самата си даваше!
Во своето срце таа се фалеше:
,Еве, седам како кралица, а не како вдовица;
за мака нема никогаш да знам!‘
8 Затоа, во еден ист ден
ќе биде погодена со жалост, глад и смрт!
Во оган ќе биде изгорена,
зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“
9 А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори. 10 Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат:
„Леле, леле, величествен граде Вавилоне!
Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“
11 Плачат и тагуваат трговците на Земјата, зашто никој веќе не ја купува нивната стока: 12 изработките од злато, сребро, скапоцени камења; од бисер, од ленено платно и од пурпур, од свила и од скерлет, од разни видови на миризливо дрво, предмети од слонова коска, од скапоцено дрво, од бронза, железо и од мермер; 13 цимет и балсам, мириси и мелеми, темјан и вино, масло, бело брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, робови и живи луѓе ...
14 „Одземени ти се плодовите по кои копнееше; сиот раскош и слава ги загуби засекогаш и никогаш повеќе нема да ги добиеш!“
15 Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи:
16 „Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери! 17 За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“
А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја 18 и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“ 19 Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа:
„Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“
20 Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе[b], апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!
21 Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне! 22 Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш. 23 Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе.
Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи. 24 Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе[c] и на сите погубени од целиот свет!“
Исус се моли за Себе
17 Откако Исус ги искажа овие работи, го подигна погледот кон небото и почна да се моли:
„Татко, дојде часот да Го прославиш Својот Син, за да може Синот да Те прослави Тебе; 2 зашто, Ти Му даде власт над сите луѓе, да може да им даде вечен живот на сите оние што Му ги имаш дадено. 3 А вечен живот е ова: да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и Исус Христос, Кого Ти Го испрати‘. 4 Јас Ти донесов слава овде на Земјата со тоа што ја извршив задачата што Ти ми ја довери. 5 А сега, Татко, врати ми ја одново славата што ја имав со Тебе пред создавањето на светот.
Исус се моли за Своите следбеници
6 Татко! Јас Те објавив на луѓето што Ти ми ги даде од светот. Твои беа, но Ти ми ги даде и тие ја послушаа Твојата порака. 7 Сега знаат дека се што имам, Ти Си ми го дал, 8 зашто пораката што Ти ми ја даде, им ја пренесов и тие ја прифатија. Сега знаат дека од Тебе дојдов и веруваат дека Ти Ме испрати. 9 Јас се молам за нив; не се молам за оние што му припаѓаат на светот, туку за оние што ми ги даде, зашто се Твои. 10 Се што имам Јас е Твое, и се што имаш Ти е Мое; тие ќе ми донесат слава. 11 Свети Татко! Јас повеќе не сум во светот, зашто се враќам кај Тебе, но тие остануваат во светот. Зачувај ги преку силата на Своето име[a] што Ти ми го даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. 12 Додека бев со нив, Јас ги чував преку силата на Твоето име што Ти ми го даде, и ги зачував. Никој од нив не се загуби, освен синот на пеколот, за да се потврди претскажаното во Светото Писмо[b].
13 А сега, Јас се враќам кај Тебе и овие работи ги кажувам додека сум се уште во светот, за Моите следбеници да ја имаат во себе истата, целосна радост, што ја имам Јас. 14 Јас им ја предадов Твојата порака, но светот ги замрази, зашто тие не му припаѓаат на светот, исто како што ни Јас не му припаѓам на светот. 15 Татко! Не Те молам Моите следбеници да ги земеш од светот, туку да ги чуваш од Злиот. 16 Тие не му припаѓаат на светот, како што ни Јас не му припаѓам на светот. 17 Твојот збор е вистина. Направи ги свети преку вистината. 18 Јас ги испраќам во светот, како што Ти Мене Ме испрати во светот. 19 Јас се посветив за нив[c], за и тие да и бидат посветени на вистината.
20 Не молам само за овие Мои следбеници, туку и за оние што ќе поверуваат во Мене како резултат на нивното проповедање, 21 па така сите да бидат едно. Како што си Ти Татко во Мене и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас, за да поверува светот дека Ти Ме испрати. 22 Јас им ја дадов истата слава што Ти ми ја даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. 23 Јас сум во нив, а Ти си во Мене; така и тие да бидат во целосно единство и светот да сфати дека Ти Ме испрати и дека ги сакаш Моите следбеници исто како што Ме сакаш Мене.
24 Татко, сакам да бидат таму со Мене сите што Ми ги имаш дадено, за да ја гледаат Мојата слава, што ми ја даде Ти, зашто Ме засака уште пред да биде создаден светот!
25 Праведен Татко! Светот Тебе не Те познава, но Јас Те познавам, а Моите следбеници сфатија дека Ти Ме испрати. 26 Јас им објавив за Тебе и ќе продолжам да Те објавувам. Тогаш љубовта што ја имаш Ти спрема Мене ќе стане дел од нив и Јас ќе бидам во единство со нив.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest