M’Cheyne Bible Reading Plan
Седумте садови на Божјиот гнев
16 Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“
2 Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа.
3 Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него.
4 Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв. 5 Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин, 6 зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“ 7 Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“
8 Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган. 9 Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог.
10 Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог 11 поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела.
12 Шестиот ангел го истури својот сад врз големата река Еуфрат и таа пресуши. Тоа им овозможи премин на царевите од Исток со своите војски.
13 Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби. 14 Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа!
15 Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“
16 Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо[a].
17 Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“ 18 Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата! 19 Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев! 20 Сите острови исчезнаа, а и планините ги снема. 21 Крупен град со големина на зрната над триесет килограми[b] се истури од небото врз луѓето, а тие Го навредуваа Бога, поради стравотниот град што ги погоди.
Исус е Лозата, ние сме прачките
15 Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза[a], а Мојот небесен Татко е Лозарот. 2 Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти[b], за да дава уште повеќе род. 3 Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. 4 Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата[c], така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене.
5 Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете[d] ништо. 6 Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. 7 Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. 8 Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици[e], тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко.
9 Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. 10 Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. 11 Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. 12 Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. 13 Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. 14 Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. 15 Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. 16 Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. 17 Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“
18 „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. 19 Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. 20 Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ‚Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. 21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. 23 Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. 25 Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо[f]: ,Без причина Ме замразија‘.
26 Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. 27 А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest