M’Cheyne Bible Reading Plan
ОТВОРАЊЕ НА СЕДУМТЕ ПЕЧАТИ
1) Коњаник на бел коњ
6 Кога видов како Јагнето го отвора првиот од седумте печати, се огласи едно од четирите суштества, кое громогласно рече: „Дојди!“ 2 Наеднаш пред мене се појави еден бел коњ. Коњаникот што јаваше на него беше вооружен со лак. Нему му беше даден венец, бидејќи досега победувал, а и сега излезе за да остварува нови победи.
2) Коњаник на црвен коњ
3 Кога Јагнето го отвори вториот печат се огласи второто суштество, кое извика: „Дојди!“ 4 Тогаш се појави друг коњ, црвен. На коњаникот што јаваше на црвениот коњ му беше даден еден голем меч и му беше дозволено да го одземе мирот од Земјата. И луѓето почнаа меѓусебно да се убиваат.
3) Коњаник на црн коњ
5 Кога Јагнето го отвори третиот печат, се огласи третото суштество и рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден црн коњ. Коњаникот што јаваше на црниот коњ во раката држеше терезија. 6 Потоа чув глас што доаѓаше откај четирите суштества и го кажуваше следното: „Килограм пченица ќе ве чини една дневница[a], три килограми јачмен ќе ве чинат една дневница, а маслото и виното ќе треба да ги штедите!“
4) Коњаник на сиво
-зелен коњ 7 Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“ 8 Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот[b]. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови.
5) Положбата на мртвите маченици
9 Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака. 10 Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“
11 Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие.
6) Катастрофа во Вселената
12 Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека[c], а Месечината поцрвене како крв. 13 Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. 14 Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија.
15 На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините. 16 Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето! 17 Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“
Исцелување на долгогодишен инвалид
5 По овие случки, по повод еден еврејски празник, Исус се врати во Ерусалим. 2 А во Ерусалим, покрај Овчата порта, има една бања со пет тремови, која на хебрејски се вика Бетзата[a]. 3 Под тремовите лежеа многу болни: слепи, сакати и парализирани[b]. 5 Таму имаше еден човек, кој боледуваше веќе триесет и осум години. 6 Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“
7 „Господине“, - Му одговори болниот - „нема кој да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата. Додека јас да втасам - друг слегува пред мене!“.
8 „Стани, земи си ја постилката и оди си, зашто Јас те исцелив!“ - му рече Исус. 9 Човекот веднаш оздраве, си ја зеде постилката и почна да оди. Но тој ден беше сабота[c], 10 па затоа еврејските верски водачи му рекоа на исцелениот: „Сабота е! Забрането е да ја носиш постилката!“ 11 Тој им одговори: „Човекот што ме исцели, ми рече: ,Земи си ја постилката и оди!‘“
12 „Кој е тој човек што ти го рекол тоа?“ - го прашаа тие.
13 Излекуваниот, пак, не знаеше Кој е тој човек, затоа што Исус се беше повлекол[d] од толпата народ што беше на тоа место.
14 Подоцна, Исус го сретна во храмот и му рече: „Сега оздраве; не греши повеќе, за да не те снајде нешто уште полошо!“ 15 Човекот си замина и им кажа на еврејските верски водачи дека Оној што го исцели е Исус.
16 Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите. 17 Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“ 18 Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко[e], изедначувајќи се така со Бог.
Овластувањата што ги има Исус
19 Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот. 20 Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите. 21 Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака. 22 Зашто Таткото не суди никого, туку сето право да суди Му Го предаде на Синот, 23 за сите да Го почитуваат Синот, исто како што Го почитуваат Таткото. Оној што не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото, Кој Го испрати.
24 Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот. 25 Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат! 26 Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот. 27 Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки[f].
28 Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син 29 и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна!
Исус зборува во Своја одбрана
30 Јас не можам ништо да направам самоволно. Судам онака како што Ми кажува небесниот Татко, и Мојот суд е праведен, зашто не постапувам самоволно, туку според волјата на Бог, Кој Ме прати.
31 Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да вреди. 32 Но постои Друг што сведочи за Мене и знам дека она што Тој го сведочи за Мене, вреди.
33 Вие самите испративте пратеници кај Јован Крстител и тој ви ја кажа вистината. 34 Јас немам потреба од човечко одобрување; а овие работи ви ги кажувам за вие да се спасите[g]. 35 Јован беше светилка која гореше и светеше. И за тоа кратко време вие со задоволство и се радувавте на неговата светлина.
36 Јас, пак, имам сведоштво со поголема тежина од она на Јован. Делата што Мојот Татко Ми ги довери да ги извршам, и кои Јас ги извршувам, сведочат дека сум испратен од небесниот Татко. 37 И Таткото, Кој Ме прати, исто така сведочи за Мене, но вие никогаш не сте го послушале Неговиот глас ниту пак сте го виделе Неговиот лик. 38 А и Неговиот збор не се задржува во вас, затоа што не верувате во испратениот од Него. 39 Вие го проучувате Светото Писмо, зашто верувате дека во него ќе најдете вечен живот за себе - а токму таму се говори за Мене! 40 Па сепак, вие не сакате да дојдете кај Мене и да примите живот.
41 Јас не сакам слава од луѓето; 42 а вас ве познавам и знам дека во себе немате љубов спрема[h] Бог. 43 Јас дојдов во името на Мојот Татко, а вие не Ме примате. Ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите! 44 Како можете да верувате, кога еден на друг си давате слава, а славата од Единствениот Бог не ја посакувате!?
45 Немојте да мислите дека Јас ќе бидам Тој што ќе ве обвини пред небесниот Татко. Мојсеј - оној на кого се надевате - тој ќе ве обвини. 46 Да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и Мене, затоа што тој има пишувано[i] за Мене. 47 Но штом не верувате во она што тој го напиша, како ќе верувате во ова што Јас го зборувам!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest