M’Cheyne Bible Reading Plan
Лажните вероучители и Божјата осуда
2 Но имаше и лажни пророци меѓу Израелците[a], како што и меѓу вас ќе има и лажни вероучители. Тие подмолно ќе воведуваат погубни ереси, свртувајќи се дури и против Господарот што ги откупи. Така тие брзо ќе навлечат врз себе уништување. 2 Многумина ќе тргнат по нивните срамни патишта и заради нив лошо ќе се зборува за Патот[b] на вистината. 3 Поради алчност ќе измислуваат разни прикаски, само за да извлечат од вас материјална корист. Но Бог уште одамна им пресудил на таквите. Уништувањето нив будно ги чека.
4 Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот[c], за да бидат таму чувани се до Судниот ден. 5 Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го зачува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство. 6 Градовите Содом и Гомора[d] во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страотен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни. 7 Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави. 8 Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла.
9 Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден.
10 Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во својата дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат! 11 Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив.
12 Таквите луѓе се како неразумни животни, кои се определени за да бидат ловени и убивани. Се потсмеваат на нешта што не ги разбираат. Затоа и ќе загинат како животни. 13 Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање сред бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, зашто тоа го прават од нечисти мотиви. 14 Очите им се полни со прељуба. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе!
15 Скршнувајќи од вистинскиот пат, тие заталкаа. Се поведоа по примерот на пророкот Балаам, синот на Беор[e], кој за пари беше готов да постапува неправично. 16 Но тој беше прекорен за својот престап. Неговото магаре, немо животно, прозборува со човечки глас и го натера да прекине со тие неразумни постапки.
17 Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина. 18 Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се оттргнале од живеење во заблуди. 19 Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда.
20 Ако тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот! 21 Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да и свртат грб на светата заповед што им беше дадена! 22 Ним им се случи она што го кажуваат поговорките:
„Песот се враќа на сопствената блујавица[f].“
и
„Откако се искапала, свињата во калта се вратила!“
Уште едно исцелување во сабота
14 Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око. 2 Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете, 3 а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон[a] и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“ 4 Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав. 5 Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“ 6 Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат.
Понизност и гостољубивост
7 Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет: 8 „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе, 9 па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место. 10 Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни. 11 Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“
12 Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа. 13 Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи. 14 Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“
Споредба со Големата вечера
(Матеј 22:1-10) 15 Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘ 16 А Исус му одговори со следнава споредба:
„Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости. 17 Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘ 18 Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘ 19 Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘ 20 Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘
21 Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘ 22 Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘ 23 Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата! 24 Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“
Да бидеш Христов следбеник има своја цена
(Матеј 10:37-38) 25 По Исус врвеше голема толпа луѓе и Тој им се обрати со зборовите:
26 „Никој не може да дојде кај Мене и да стане Мој ученик, ако не Ме сака повеќе од татка си, мајка си, жената, децата, браќата и сестрите, па и од својот сопствен живот! 27 Кој не го носи својот крст и не оди по Моите стапки - не може да биде Мој ученик.
28 Кога некој од вас сака да изгради кула, не седнува ли прво да пресмета дали ќе има доволно пари да ја заврши градбата? 29 Во спротивно, може да започне со темелите и да заклучи дека не може да продолжи, па сите што ќе видат ќе му се подбиваат, велејќи: 30 ,Овој човек почнал да ѕида нешто што не може да го доврши!‘
31 Кога некој цар се готви за војна против друг цар, не седнува ли најпрво да се преиспита, дали со своите десет илјади војници ќе може да му се противстави на оној што го напаѓа со дваесет илјади војници? 32 Ако заклучи дека не може, тој ќе испрати гласници уште додека другиот цар е далеку, и ќе моли за примирје.
33 Значи, никој не може да стане Мој ученик додека не Ме стави Мене пред сe друго што има.“
Суштинската улога на христијаните
(Матеј 5:13; Марко 9:50) 34 „Солта е добра, но ако таа стане блутава, со што ќе се осоли? 35 Таква не би била добра ни за почвата, ни за ѓубривата, па се исфрла надвор. Ако имате уши, слушајте внимателно!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest