M’Cheyne Bible Reading Plan
Прво писмо од апостол
Петар
Поздрави
1 Од Петар, апостол на Исус Христос, до луѓето одбрани од Бог што живеат во туѓина, распрснати низ Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Битинија. 2 Бог Таткото реши да ве одбере, а Неговиот Дух ве направи свети. Вие Го послушавте Исус Христос и сега сте попрскани[a] со Неговата крв.
Ви посакувам Бог да ви биде изобилно благонаклонет и да ви дава се подлабок мир.
За спасението, некогаш и сега
3 Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново не роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос. 4 Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото.
5 Божјата сила ќе ве чува се до последниот ден[b], бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение. 6 Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија. 7 Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет.
8 Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише, 9 оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.
10 Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде. 11 Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава. 12 Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.
Поттик за свет живот
13 Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! 14 Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. 15 Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. 16 Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува:
„Бидете свети, затоа што Јас сум свет[c]!“
17 Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. 18 Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени[d] со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, 19 туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. 20 Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. 21 Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.
22 Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце. 23 Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. 24 Светото Писмо вели:
„Секој човек е како трева,
а секоја човечка слава и убавина
се како цвеќе во ливада;
тревата се суши, цвеќето венее,
25 само зборот Господов вечно ќе живее[e].“
Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.
Жените во служба на Радосната вест
8 Потоа, Исус ги обиколуваше градовите и селата, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство. 2 Во Негова придружба беа дванаесеттемина Негови ученици и извесен број жени што ги беше исцелил од демонски духови и од разни болести. Меѓу нив беа: Марија, наречена Магдалена[a], од која Исус истера седум демони; 3 Јоана - сопруга на Иродовиот висок службеник, Куза; потоа Сузана и многу други жени кои од своите лични средства ги помагаа Исуса и Неговите ученици.
Споредба со четирите видови почви
(Матеј 13:1-9; Марко 4:1-9) 4 Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба:
5 „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. 6 Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. 7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. 8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Матеј 13:10-17; Марко 4:10-12) 9 Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, 10 а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“
Објаснување на четирите видови почви
(Матеј 13:18-23; Марко 4:13-20) 11 „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. 12 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. 13 Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. 14 Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. 15 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“
Свеќа под капак
(Марко 4:21-25) 16 „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата. 17 Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста. 18 Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“
Кое Му е вистинско семејство на Исус?
(Матеј 12:46-50; Марко 3:31-35) 19 Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него. 20 Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“ 21 А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“
Исус смирува бура
(Матеј 8:23-27; Марко 4:35-41) 22 Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. 23 Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. 24 Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. 25 Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“
Исцелување на бесниот од Гадара
(Матеј 8:28-34; Марко 5:1-20) 26 Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара[b], спроти Галилеја. 27 Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. 28 Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ 29 Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. 30 Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. 31 Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната[c]. 32 А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. 33 Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија.
34 Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. 35 Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. 36 А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. 37 Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. 38 А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; 39 но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.
Исцелување од крвавење
Оживување на Јаировата ќерка
(Матеј 9:18-26; Марко 5:21-43) 40 Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа. 41 Му пристапи еден човек по име Јаир[d], кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома, 42 каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни. 43 Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува. 44 Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре. 45 А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“ 46 Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“ 47 Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела. 48 Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“
49 Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“ 50 Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“ 51 Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. 52 Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“ 53 Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво. 54 Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“ 55 Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде. 56 Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest