M’Cheyne Bible Reading Plan
За простувањето и за верата
(Матеј 18:6-7; 21-22; Марко 9:42) 17 Еден ден, Исус им се обрати на Своите ученици: „Искушенија што наведуваат на грев секогаш ќе има, но тешко на оној преку кого доаѓаат! 2 Подобро би било да му врзат воденички камен околу вратот и да го фрлат в море, отколку да наведе на грев некое малечко. 3 Внимавајте на себе! Ако ти згреши братот, укори го, па ако се покае - прости му. 4 Дури и седумпати на ден ако ти згреши и секојпат дојде кај тебе и ти рече: ,Се каам‘ - прости му.“
5 Апостолите Го замолија Господ Исус: „Зголеми ја верата во нас!“ 6 А Исус им одговори: „Ако имате вистинска вера само колку едно синапово зрно, би можеле да и кажете на оваа црница: ,Искорни се и пресади се в море!‘ - и таа ќе ве послуша!“
Должноста на еден слуга
7 „Замислете си дека имате слуга кој сте го пратиле да ора или да ви ги пасе овците. Кога ќе се врати од полето, дали најпрво му велите: ,Седни и бргу вечерај!?‘ 8 Нема ли најпрво да му заповедате да подготви вечера за вас, да се препаше и да ве служи, па дури потоа тој да јаде и да пие? 9 Зар му должите благодарност на слугата што ја извршил вашата заповед? 10 И вие сте во слична положба: ако го извршите сето она што ви е заповедано, можете само да кажете: ,Ние сме само слуги кои си ја вршат својата должност, свесни дека за тоа не ни следува никаква пофалба.‘“
Благодарни и неблагодарни луѓе
11 На Својот пат кон Ерусалим, Исус минуваше по должината на границата меѓу Самарија и Галилеја. 12 Токму кога влегуваше во едно село, Го пресретнаа десет заболени од лепра. Застанаа на извесно растојание 13 и повикаа: ,Исусе! Господару! Имај милост спрема нас!‘ 14 Исус ги погледна и им рече: ,Одете на преглед кај свештениците!‘ Додека одеа таму, оздравеа. 15 Еден од нив, кога виде дека оздраве, се врати кај Исус, славејќи Го Бога на сиот глас. 16 Падна ничкум пред Исусовите нозе и почна да Му се заблагодарува. Тој човек беше Самарјанец[a]. 17 Тогаш Исус рече: „Зар не исцелив десетмина? Каде се останатите девет души?“ 18 Ниеден од нив не се врати да Му заблагодари на Бог, освен овој туѓинец. 19 Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“
За Божјото царство што ќе дојде
(Матеј 24:23-28, 37-41) 20 Еден ден, некои од фарисеите[b] Го прашаа Исуса: „Кога ќе завладее Божјото царство?“ Неговиот одговор гласеше: „Божјото царство не доаѓа на видлив начин. 21 Не може да се каже: Еве го овде! или Ене го онде! Божјото царство е меѓу[c] самите вас.“
22 Потоа им рече на Своите ученици: „Ќе дојде време кога ќе копнеете да Ме видите Мене, Синот Човечки, макар и само еден ден, но нема да Ме видите. 23 Ќе има луѓе што ќе ви зборуваат: ,Ене Го онде!‘ или ,Еве Го овде!‘ 24 Не одете по нив да Го барате, зашто, како што молскавицата светка на едниот крај на небото, а болскотот и се гледа до другиот крај, така ќе биде и со Синот Човечки[d] на денот на Неговото враќање. 25 Но Тој најпрво ќе мора да настрада и да биде отфрлен од оваа генерација.
26 Во времето кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде слична со онаа во времето на Ное: 27 луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да се женат и да се мажат, сe додека Ное не влезе во ковчегот и настапи потопот, кој сите нив ги погуби. 28 Состојбата во светот ќе биде како во времето на Лот: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да купуваат и да продаваат, да садат и да градат. 29 Но штом Лот излезе од Содом, од небото се истури оган и сулфур и сите ги погуби. 30 Истото ќе се случи и кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки.
31 Во тој ден, оној што ќе се најде на покрив, нека не слегува по својата покуќнина! Тој што ќе се најде в поле, нека не се враќа дома! 32 Сетете се што и се случи на Лотовата жена! 33 Оној што ќе настојува грчовито да си го зачува животот - ќе го загуби, а тој што до смрт ќе го вложи во Божја служба - ќе го запази! 34 Таа ноќ, од двајца што ќе спијат во ист кревет - едниот ќе биде земен, а другиот оставен. 35 Од две жени што ќе мелат заедно - едната ќе биде земена, а другата оставена. 36 [e]
37 Учениците Го запрашаа: „Кај ќе се случи тоа, Господе?“ Тој им одговори: „Каде што е мршата - таму ќе се соберат и мршојадците!“
2 Решив да не ве нажалам со уште една болна посета. 2 Ако јас вас ве натажам, кој мене ќе ме развесели? Зар тие кои штотуку сум ги натажил? 3 Затоа така ви напишав во моето претходно писмо, та кога ќе дојдам да не ме нажалат оние кои одвај чекам да ме зарадуваат. Уверен сум дека знаете оти кога сте среќни вие, среќен сум и јас. 4 Колку тешко ми беше да ви го напишам претходното писмо! Ви пишував длабоко нажален, со болка во срцето и со солзи во очите. Не сакав да ве повредам. Сакав само да сфатите колку е голема мојата љубов спрема вас.
Треба да му се прости на тој што згрешил
5 Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене. 6 Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна. 7 Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне. 8 Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека се уште го сакате!
9 Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства. 10 А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос. 11 Ако не постапуваме така, Сатаната ќе не надмудри, а знаеме какви се неговите намери!
Апостолската служба
12 Кога пристигнав во Троада[a] за да ја проповедам Радосната вест за Христос, видов како Господ пред мене отвора ново поле за работа. 13 Но немав душевен мир, бидејќи мојот драг пријател Тит не се беше вратил откај вас. Затоа, се збогував со луѓето во Троада и заминав за Македонија, за таму да се сретнам со Тит.
14 Но, благодарни сме Му на Бог, Кој, на чело со Христос, секогаш не води во победа. Преку нас Тој насекаде ја шири вистината за Христос, како што се шири миризливоста од пријатен мирис. 15 За Бог ние сме како пријатен мирис што го приближува Христос кон сите: и кон оние што Го прифаќаат и се спасуваат, и кон оние што Го одбиваат и пропаѓаат. 16 За жал, на оние што Го одбиваат Христос, овој мирис ќе им биде смртна пресуда. На оние, пак, што Го прифаќаат Христос, ние сме им како најпријатен мирис што им носи вечен живот. Кој е способен да извршува ваква служба? 17 Ние не сме трговци - а такви ги има многу - што се обидуваат да заработат пари од проповедање на Божјото Слово! Ние проповедаме за Христос искрено, како што Бог сака. Нас Бог не испрати и Тој не надгледува.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest