Book of Common Prayer
Расправија во Антиохија околу обрежувањето
15 Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло дека, ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени. 2 Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање. 3 Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.
Апостолскиот Собор во Ерусалим
4 Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив. 5 Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.
6 Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање. 7 По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат. 8 Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам. 9 Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера. 10 Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме? 11 Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“
2) Исус ослободува од демони
(Мт. 8:28-34; Лк. 8:36-39) 5 Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса[a]. 2 Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови. 3 Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со синџири да го врзе. 4 Честопати го врзувале со синџири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел синџирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти. 5 Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења.
6 Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена. 7 Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“ 8 Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот.
9 Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“ 10 Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај.
11 Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи. 12 Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“ 13 Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија.
14 Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило. 15 Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија. 16 Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите, 17 луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај.
18 Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него. 19 Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“ 20 Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис[b] и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest