Book of Common Prayer
14 Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. 15 Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух, 16 бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. 17 Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух.
18 Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари 19 и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“
20 Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! 21 Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! 22 Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, 23 зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“
24 Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“
25 Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.
Исус на суд пред Пилат
(Матеј 27:1-2; 11-14; Марко 15:1-5; Јован 18:28-38) 23 Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, 2 па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“
3 Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ 4 Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ 5 Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ 6 Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ 7 Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.
Исус на суд пред Ирод
8 Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. 9 Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. 10 Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.
11 Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. 12 На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest