Book of Common Prayer
15 Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.
Говорот на Стефан пред еврејското Собрание
7 Тогаш Првосвештеникот го праша Стефана: „Точни ли се исказите против тебе?“
2 Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, ислушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој се уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан[a], 3 и му рече: ,Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам[b].‘
4 Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко се пресели во оваа земја во која сега ние живееме. 5 Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја. 6 Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години. 7 ,Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!‘ - рече Бог. ,Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место[c].‘ 8 Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ.
9 Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него 10 и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом.
11 Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна. 12 Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови[d]. Тоа беше нивната прва посета. 13 Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство. 14 Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број. 15 Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци. 16 Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор.
Кој е најголем во Божјите очи?
24 Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција. 25 А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘ 26 Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи. 27 Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга.
28 Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија. 29 И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене. 30 Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest