Book of Common Prayer
22 По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. 23 Јован исто така крштаваше во Енон[a], близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.
25 Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. 26 Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“
27 Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото[b]. 28 Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. 29 Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. 30 Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“
2 Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици 3 да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ 4 Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: 5 слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат[a], глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест[b]. 6 Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“
7 Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 8 Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 9 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! 10 Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели:
,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе[c].‘
11 Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. 12 Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па се досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! 13 Зашто, се до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. 14 И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. 15 Кој има уши, нека слуша!“
16 „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:
17 ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте;
потоа ви запеавме таговни песни,
но вие не заплакавте!‘
18 Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘ 19 Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок[d] и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest