Book of Common Prayer
Писмо од апостол
Јаков
Авторство и поздрави
1 Од Јаков,
служител на Бог и на нашиот Господ Исус Христос. Поздрав до дванаесетте племиња[a], распрснати низ целиот свет.
Проверки на верата
2 Радувајте се, христијани, кога минувате низ разни искушенија, 3 зашто знаете дека колку повеќе вашата вера се проверува, толку поистрајни станувате. 4 Морате да научите се да издржите, за да станете зрели, целосни и ништо да не ви недостасува.
Молитва со вера
5 Ако на некој од вас му недостасува мудрост, нека бара од Бог и Тој ќе му даде. Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него. 6 Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и го разбива. 7 Таквиот човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ, 8 бидејќи е нерешителен и непостојан во се.
Сиромаштијата и богатството
9 Христијаните што се сиромашни треба да се гордеат со својот возвишен позив, 10 а богатите - со понизност. Богатите ќе прецветаат како дивите цветови. 11 Ќе огрее жешкото сонце, ќе ја исуши тревата, па дивите цветови ќе се исушат и сета нивна убавина ќе исчезне. Така е и со богатите. Ќе овенат презафатени со она што го работат.
За искушенијата
12 Благословен е оној човек, што и покрај искушенијата низ кои минува, останува верен. Откако ќе го помине испитот, Бог ќе го награди со вечен живот[b], како што им вети на сите што Го сакаат.
13 Никој, кога е во искушение да направи нешто грешно, нека не вели: „Бог ме искушува со грев!“ Ниту Бог Себеси се проверува со грев, ниту пак вас ве проверува со грев. 14 Секој паѓа во искушение тогаш кога ќе го намамат и ќе го фатат во стапица неговите сопствени, необуздани страсти. 15 Кога необузданата страст ќе се зачне, таа раѓа грев, а растењето на гревот доведува до смрт.
16 Мили мои, не дозволувајте да бидете измамени. 17 Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ги создал небесните светила. Но за разлика од нив, Тој никогаш не се менува, кај Него нема сенка која би била резултат на поместување! 18 Тој сакаше ние да бидеме првнина[c] меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање.
23 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство. 24 Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“ 25 Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ 26 Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“
Голема награда за целосна верност
27 Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме се и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“ 28 Исус им рече: „Ве уверувам вас, коишто станавте Мои следбеници, дека во новиот свет, кога Јас, Синот Човечки, ќе седнам на Својот славен престол, вие ќе седнете на дванаесет престоли и ќе владеете над дванаесетте Израелски племиња. 29 А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене - ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот. 30 Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest