Book of Common Prayer
37 Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“
38 Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. 39 Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите[a], и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“
40 Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“
41 Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. 42 Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера[b] и на молитви.
Првите христијански заедници
43 Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. 44 Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. 45 Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. 46 Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. 47 Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.
ИСУС ЈА ПРЕТСКАЖУВА ИДНИНАТА НА СВЕТОТ
1. Разурнувањето на храмот
(Матеј 24:1-2; Марко 13:1-2) 5 Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече: 6 „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
2. Појавата на лажни Месии
(Матеј 24:3-14; Марко 13:3-13) 7 Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“ 8 А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“
3. Војни и прогонства
9 „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“
10 Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго. 11 Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.
12 Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене. 13 Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест. 14 Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните, 15 зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.
16 А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени. 17 Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене. 18 Но, ни влакно од главата нема да ви падне. 19 Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest