Book of Common Prayer
Доаѓањето на Светиот Дух
2 Кога дојде празникот Духовден[a], сите христијани се собраа на едно место. 2 Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. 3 Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. 4 Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни[b] јазици, како што им даваше способност Светиот Дух.
5 Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. 6 Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик!
7 Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? 8 Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? 9 Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија[c], 10 во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим 11 (Евреи и прозелити[d]), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ 12 Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ 13 Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“
Петар им се обраќа на насобраните
14 Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: 15 Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет[e] часот наутро. 16 Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:
17 ,Во последните денови‘ - вели Бог -
,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе,
па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,
момчињата ќе имаат виденија,
а старците ќе сонуваат соништа.
18 Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух
врз сите Мои слуги и слугинки,
и тие ќе пророкуваат.
19 Ќе правам чуда горе на небесата
и видливи докази долу на Земјата -
крв и оган и столбови од чад.
20 Сонцето ќе поцрни,
а Месечината ќе се вцрви како крв,
пред да дојде тој голем и славен Господов ден.
21 Тогаш секој што ќе го повика името Господово
ќе биде спасен[f].‘
За воскресението на мртвите
(Матеј 22:23-33; Марко 12: 18-27) 27 Тогаш на Исус Му пријдоа некои садукеи (тие не веруваат во воскресение на мртвите) и Го прашаа: 28 „Учителе! Мојсеј ни остави ваков пропис: Ако некој човек умре, оставајќи ја својата жена без пород, тогаш со неа нека се ожени братот на починатиот, за да му подигне пород кој ќе се смета за потомство на починатиот човек. 29 Си беа седуммина браќа. Најстариот се ожени и умре без да има деца. 30 Тогаш вториот по возраст брат ја зеде жената, 31 а по него и третиот, и така по ред - до седмиот. Сите тие умреа не оставајќи пород зад себе. 32 На крајот умре и жената. 33 Сега, чија жена ќе биде таа по воскресението, со оглед на тоа што им била жена на сите седуммина?“
34 Исус им одговори: „На овој свет мажите и жените стапуваат во брак, 35 додека оние што ќе бидат достојни за оној свет и за воскресението, ниту ќе бидат женети, ниту мажени. 36 Тие ќе бидат како ангели и ќе бидат бесмртни. Ќе бидат Божји чеда, бидејќи се чеда на воскресението. 37 А и Мојсеј јасно покажа дека мртвите воскреснуваат, кога во настанот со ,разгорената грмушка‘ Му се обрати на Господ со: ,Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ 38 Очигледно, Тој е Бог на живите, а не на мртвите, и за Него сите се живи!“ 39 На ова, некои од вероучителите Му рекоа: ,Добро им одговори, Учителе!‘ 40 И повеќе не се осмелија да Му поставуваат никакви прашања.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest