Book of Common Prayer
Спасението е преку вера
16 Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. 17 Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера[a].“
18 Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината[b], 19 затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. 20 Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог.
21 Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. 22 Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. 23 Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги.
24 Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. 25 Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин!
Исус го исцелува синот на царскиот службеник
43 А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја. 44 Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај. 45 Кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, бидејќи беа виделе се што Тој беше направил за време на празникот Пасха во Ерусалим, зашто и самите беа присутни таму.
46 Тогаш Исус повторно отиде во Галилејска Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. Таму имаше еден царски службеник, чиј син лежеше болен во градот Кафарнаум. 47 Штом слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, службеникот отиде кај Него и Го молеше да дојде и да го исцели неговиот син, кој беше на умирање.
48 На тоа, Исус рече: „Никогаш не верувате, доколку не видите натприродни докази и чуда!“
49 „Господине!“ - Му рече царскиот службеник - „Дојди додека не ми умрело детето!“
50 „Оди си, твојот син ќе живее!“ - му рече Исус. Човекот им поверува на зборовите што му ги кажа Исус и си замина. 51 Додека си одеше дома го пречекаа неговите слуги и му кажаа дека детето е живо и дека се чувствува подобро. 52 Тогаш тој ги распраша, кога му станало подобро на детето. „Вчера, во еден[a] часот попладне му помина треската“ - му одговорија тие.
53 Тогаш таткото сфати дека токму во тоа време Исус му рече: „Твојот син ќе живее.“ Така тој и целото негово семејство поверуваа во Исус.
54 Ова беше второто чудо што Исус го направи во Галилеја, по враќањето од Јудеја.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest