Book of Common Prayer
Господ ќе се врати!
3 Драги мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, за да ви ги освежам сеќавањата и да ве поттикнам искрено да расудувате. 2 Потсетувајте се на зборовите што ги кажуваа светите пророци и на заповедите на нашиот Господ и Спасител, дадени преку апостолите.
3 Прво, треба да знаете дека во последните денови ќе дојдат луѓе што ќе и се подбиваат на вистината, ќе се раководат од своите грешни страсти 4 и ќе велат: „Што се случи со ветувањето дека Христос ќе се врати? Нашите предци одамна изумреа, а во светот се си тече онака како што било уште од неговото создавање!“
5 Тие како да забораваат дека небесата постојат веќе многу долго време, и дека преку Божјата заповед Земјата излезе од вода, останувајќи опкружена со водата. 6 На Божја заповед светот потоа беше поплавен од водите и беше уништен. 7 На Божја заповед сегашните небеса и Земја се чуваат се до Судниот ден. Тогаш оган ќе ги проголта, а безбожниците ќе бидат уништени.
8 Драги мои, една работа да не заборавате: за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден. 9 Господ не одолжува со исполнувањето на Своето ветување, како што некои мислат. Тој само е трпелив, зашто не сака никој да заврши во пропаст, туку секој да се покае и да се спаси.
10 Денот кога Господ ќе се врати ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат[a].
Споредба на Небесното царство со десет девојки
25 „Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот. 2 Петте од нив биле глупави, а другите пет - мудри. 3 Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење. 4 Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење.
5 Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале.
6 На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘ 7 Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби. 8 Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘ 9 Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘
10 Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена. 11 Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘ 12 А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“
13 „Затоа“ - заклучи Исус - „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest