Book of Common Prayer
5) Павле најавува враќање во Ерусалим
21 Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. 2 Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. 3 Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. 4 Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. 5 Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. 6 Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.
7 Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. 8 Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. 9 Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат.
10 Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. 11 Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните[a]‘!“
12 Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. 13 Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ 14 Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“
Исцелување на еден лепрозен човек
(Матеј 8:1-4; Марко 1:40-45) 12 Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш[a]!“ 13 Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. 14 Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. 15 Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. 16 Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.
Исус исцелува парализиран човек
(Матеј 9:1-8; Марко 2:1-12) 17 Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители[b], дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни. 18 И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус. 19 Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус. 20 Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“
Кој е овластен да простува гревови?
21 Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“
22 Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? 23 Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘? 24 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки[c], имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“ 25 Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога. 26 Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest