Book of Common Prayer
2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија
13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[a]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[b], град во областа Писидија.
15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[c] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[d]!‘
23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[e]!‘
18 Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители, 19 и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“
20 Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп. 21 Но, како тоа сега гледа - не знаеме. Ниту, пак, го знаеме Човекот што му ги отворил очите. Прашајте го него, тој е возрасен и самиот може да зборува за себе!“ 22 (Неговите родители постапија вака, затоа што се плашеа од еврејските верски водачи. Причината за нивниот страв беше тоа што еврејските верски водачи се договорија да го исклучат[a] од синагогата секој оној што ќе каже дека Исус е Месијата. 23 Затоа неговите родители рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“)
24 Така тие по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Биди искрен пред Бог[b]! Ние знаеме дека Тој човек е грешник!“
25 „Јас не знам дали е Тој грешник“, - им одговори тој - „но, една работа знам: слеп бев, а сега гледам!“
26 На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“
27 „Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“
28 Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј! 29 Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“
30 „Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите! 31 Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја. 32 Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек! 33 Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“
34 Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор.
Духовна слепота
35 Исус слушна дека го исфрлиле надвор, па штом го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Човечки?“
36 Човекот одговори: „А кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“
37 Исус му рече: „Оној во Кого гледаш, Човекот со Кого разговараш - тоа е Тој!
38 „Верувам, Господе“ - одговори тој, па се спростре ничкум и Му се поклони.
39 Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за да го извршам судот: да прогледаат оние што не гледаат, а да станат слепи оние што самоуверено мислат дека гледаат.“
40 Некои од фарисеите што беа со Него Го слушнаа, па Му рекоа: „Зар и нас не сметаш за слепи[c]!?“
41 Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни, но штом тврдите дека гледате - останувате виновни!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest