Book of Common Prayer
Крштавање на римскиот офицер Корнелиј
10 Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир[a] на Италијанскиот полк. 2 Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом[b]. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог. 3 Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“
4 Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“
Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана. 5 Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар! 6 Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“
7 Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек. 8 Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа.
Петар доаѓа кај Корнелиј
9 Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив[c] за да се моли. 10 Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес[d] 11 и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња, 12 а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици. 13 Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“
14 „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони[e]!“ - одговори Петар.
15 Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил[f]!“
16 Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото.
7 По ова, Исус се движеше во границите на Галилеја. Тој повеќе не сакаше да се задржува во Јудеја, затоа што еврејските верски водачи сакаа да Го убијат. 2 Наближуваше еврејскиот празник Сеници[a]. 3 Неговите браќа Му рекоа: „Оди[b] во Јудеја, за да можат Твоите следбеници да ги видат делата што ги вршиш! 4 Никој не дејствува во тајност, ако сака да стане познат. Штом ги правиш овие чуда, тогаш објави му се на светот!“ 5 (Зашто, ни Неговите браќа не веруваа во Него.)
6 Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно. 7 Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови. 8 Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“ 9 Тој го рече тоа, и остана во Галилеја.
Исус поучува во храмот
10 А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно. 11 Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“
12 Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“ 13 Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest