Book of Common Prayer
ВИДЕНИЈА ЗА ИДНИНАТА
Опис на Божјиот престол
4 Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“
2 Тогаш паднав во занес[a] и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот. 3 Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол[b]. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд. 4 Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите. 5 Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот[c] Божји Дух. 6 Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал.
Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад. 7 Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет. 8 Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат:
„Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“
9 Секојпат кога четирите суштества Му оддаваа слава, чест и благодарност на Оној што седеше на престолот - на Вечно Живиот - 10 во истиот миг дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум и Му се поклонуваа на Вечно Живиот, положувајќи ги своите венци пред престолот и говорејќи:
11 „Достоен Си, Господе и Боже наш,
да примиш слава, чест и власт,
зашто Ти си Творецот на се,
и се што постои, Тебе Ти го должи[d] своето постоење и создавање!“
Граѓаните на Назарет не Го сакаат Исуса
(Мт. 13:53-58; Лк. 4:16-30) 6 Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град[a]. 2 Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? 3 Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус[b].
4 Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ 5 Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. 6 Остана изненаден од нивната неверба.
Исус одеше по околните села и поучуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest