Book of Common Prayer
19 Несомнено некој ќе рече: „Зошто тогаш Бог смета дека одговорноста е кај луѓето? Кој може да се противстави на она што Бог наумил да го стори?“ 20 Но кој си па ти, човеку, да Му приговараш на Бог!? Зар ракотворбата ќе му приговори на мајсторот: „Зошто си ме направил ваква[a]?“ 21 Зар грнчарот нема право од иста смеса глина да направи еден сад за благородна, а друг за неблагородна употреба? 22 Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување. 23 Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава. 24 Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи.
25 Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија:
„На оние што не биле Мој народ
ќе им речам: ,Мој народе!‘
На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘[b]“
26 и
„На истото место каде што им беше речено:
,Вие не сте Мој народ.‘
сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог[c].“
27 Во врска со Израел, пророкот Исаија извикуваше:
„Дури и ако Израелците станат
многубројни како морскиот песок,
само мал број од нив ќе се спасат!
28 Господ брзо ќе ја спроведе
казната што ја има изречено за Земјата[d]!“
29 На друго место пророкот Исаија вели:
„Ако Семоќниот Господ не оставеше од нас преживеани,
ќе бевме целосно уништени како Содом и Гомора[e]!“
Неверноста на Израелците
30 Што можеме да заклучиме од ова? Иако другите народи не се трудеа да се здобијат со праведност пред Бог, добија можност за праведност и тоа преку вера. 31 Израелците, пак, се обидуваа да се здобијат со праведност преку придржување кон Мојсеевиот Закон, но не успеаја. 32 Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку мислеа дека со сопствените постапки ќе можат да се здобијат со праведност. Тие се препнаа од „каменот за сопнување.“ 33 Бог ги предупреди на ова преку напишаното во Светото Писмо:
„Еве, во Ерусалим[f] ќе поставам Камен
од кој некои луѓе ќе се сопнат,
Карпа од која ќе се соблазнат,
а оние што ќе поверуваат во Него,
нема да се разочараат[g].“
1) Разурнувањето на Ерусалимскиот храм
(Мк. 13:1-2; Лк. 21:5-6) 24 Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот. 2 А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“
2) Почеток на неволите
3 Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“
4 Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. 5 Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата[a]!‘ - и ќе измамат мнозина. 6 Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. 7 Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. 8 Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“
3) Прогонства на христијаните
9 „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. 10 Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. 11 Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. 12 Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува се постудена. 13 Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. 14 А Радосната вест[b] за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest