Book of Common Prayer
Силата на Божјата љубов
31 Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас? 32 Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго?
33 Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!? 34 Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог!
35 Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт? 36 Иако во Светото Писмо е напишано:
„Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе,
не сметаат како овци за клање[a]“
37 Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака. 38 Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили, 39 било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!
Осуда на свештеничкото лицемерство
13 „Тешко вам, вероучители и фарисеи[a], лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат!
14 (Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!)[b]
15 Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас!
16 Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘ 17 Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!? 18 И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘ 19 Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!? 20 Тој што се заколнува во олтарот, се заколнува во него и во се што е на него! 21 Тој што се заколнува во храмот, се заколнува во него и во Бога Кој е присутен во него! 22 Тој што се заколнува во небото, се заколнува во Божјиот престол и во Бога, Кој седи на него!
23 Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие давате десеток од зачините, како што се нането, копрата и кимот, а ги запоставувате најважните барања на Божјиот Закон: праведноста, милоста и верата! Да, десеток треба да давате, но не смеете да ги запоставувате најважните работи. 24 Слепи водачи ниедни! Комарец цедите, а камила голтате!
25 Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Чашите и чиниите однадвор ги миете, а однатре се полни со она што сте го зеле преку грабеж и себично лакомство! 26 Слеп фарисеју! Прво нека биде чисто тоа што е во чашата, па ќе и биде чиста и надворешноста!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest