Book of Common Prayer
Идната слава на Божјите деца
18 Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена. 19 Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца. 20 Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство[a], не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат 21 дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца. 22 Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува. 23 Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети. 24 Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!? 25 Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.
За воскресението на мртвите
(Мк. 12:18-27; Лк. 20:27-40) 23 Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи[a], кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака: 24 „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. 25 Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат. 26 Но истото се случи и со вториот и со третиот, се до седмиот. 27 Најпосле умре и жената. 28 Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“
29 „Вие сте во заблуда“ - им рече Исус - „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила! 30 Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото. 31 А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог:
32 ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков[b]!‘
Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“
33 Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен.
Која е најважната заповед?
(Мк. 12:28-34; Лк. 10:25-28) 34 Кога фарисеите[c] разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, 35 и еден од нив, кој беше вероучител[d], сакајќи да Му постави стапица, Го праша: 36 „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“
37 Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. 38 Тоа е првата и наедно најважната заповед. 39 А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ 40 Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди[e].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest