Book of Common Prayer
Завршни совети
11 Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! 12 Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. 13 Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле.
14 Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене.
15 Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. 16 На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ[a].
17 Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос.
18 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.
Исусовото преобразување на планината
(Мк. 9:2-13; Лк. 9:28-36) 17 По шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар и браќата Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. 2 Таму Тој се преобрази пред нив: лицето Му болсна како Сонцето, а облеката му стана блескаво бела, како светлина. 3 Наеднаш се појавија Мојсеј и пророкот Илија и разговараа со Исус. 4 Тогаш Петар Му рече на Исус: „Господе, колку ни е убаво овде! Ако сакаш, да направиме овде три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
5 Додека тој зборуваше, блескав облак ги засени и се чу глас од облакот: „Ова е Мојот Син - Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“
6 Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. 7 Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ 8 Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг.
9 Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, се додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“
10 Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ 11 „Секако“ - им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви се. 12 Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ 13 Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest