Book of Common Prayer
25 Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство. 26 Не смееме да бидеме самобендисани, да се провоцираме еден со друг или да си завидуваме.
Што ќе посееме, тоа ќе ожнееме
6 Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. 2 Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. 3 Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува[a]. Со тоа само покажува дека е никој и ништо.
4 Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. 5 Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение.
6 Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат[b] сите свои добра со учителот што ги поучува.
7 Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! 8 Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. 9 Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. 10 Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.
Исус првпат ја најавува Својата смрт
(Мк. 8:31 - 9:1; Лк. 9:22-27) 21 Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне.
22 Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“ 23 А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“
24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. 25 Зашто, секој што сака да си го чува животот[a] само за себе - ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене - пак ќе си го најде. 26 А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа?
27 Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела. 28 Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest